• понеделник, 23 декември 2024

Началникот на Генералштабот ги посети армиските припадници ангажирани во Словенија

Началникот на Генералштабот ги посети армиските припадници ангажирани во Словенија

Скопје, 25 август 2023 (МИА) – Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во придружба на амбасадорот на Република Северна Македонија во Љубљана, Горан Милевски и командантот на командата за операции, бригаден генерал, Бесник Емини, денеска во Межица, Словенија ги посети припадниците на Армијата, ангажирани во справувањето со последиците од поплавите.

На средбата како што информираат од Генералштабот на Армијата со нашите припадници од страна на генералот Ѓурчиновски им било искажано признание за покажаната професионалност и залагање при извршувањето на дадените задачи во расчистување на теренот и санирање на последиците од катастрофалните поплави.

Притоа, генералот Ѓурчиновски на нашите армиски припадници им порачал дека со несебичниот и безрезервен ангажман во вакви критични ситуации тие ја претставуваат во најдобро светло не само Армијата, туку и татковината.

Тој го истакнал и значењето на партнерството и солидарноста помеѓу двете Армии кои се резултат на одличните меѓусебни релации, но и на сојузништвото во рамки на НАТО.

За време на престојот во Межица, генералот Ѓурчиновски, амбасадорот Милевски и генералот Емини ги посетиле дел од местата каде во досегашниот период се ангажирале нашите армиски припадници.

-Сто припадници на Армијата на Република Северна Македонија се ангажирани во помош во справувањето со последиците од поплавите во Словенија во Межица, Чрна на Корошкем, Жерјав и Превалје, при што извршуваа повеќе задачи во расчистување на наноси од поплавите во витални објекти, спортски игралишта, улици, дом на културата, приватни сместувачки капацитети, но и при поставувањето на мостови, се наведува во соопштението.

За периодот на нивниот ангажман кон нив биле изразени пофални зборови од военото раководство на словенечката Армија, но и од страна на министерката за информатичко општество Емилија Стојменова Дух.

Во армискиот состав се припадници од повеќе потчинети единици од командата за операции и логистичката база, меѓу кои најголем број од вториот пешадиски баталјон и извидувачко разузнувачкиот баталјон, но и специјалистички тимови од инженерци за ракување со инженериски машини, лекари и болничари, припадници од единицата за АБХО.свс/са/

Фото:Генералштаб

Остани поврзан