• четврток, 26 декември 2024

Националниот џез оркестар настапи на „Аlbania jazz fest“

Националниот џез оркестар настапи на „Аlbania jazz fest“

Тирана, 14 мај 2024 (МИА) -  Македонскиот Културно-информативен центар вчеравечер пред публиката во Тирана го претстави нашиот Национален џез оркестар.

- Ова се генијални, генијални музичари. Бескрајно благодарам на соработката со македонскиот центар, благодарам што овие прекрасни музичари вечерва свиреа во нашиот град, изјави воодушевен веднаш по нивниот брилијантен настап, Бесим Петрела, директор на „Albania jazz fest“.

Како што информира Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана, ова е прво претставување на оркестарот, надвор од нашата држава, кое предизвика бура од воодушевување. 

Оркестарот во својот репертоар има различни стилови, почнувајки од класичен џез, преку свинг, би бап, па се до композиции од „Леб и сол“.

Родена е една нова генерација млади музичари, кои суверено владеат со сцената, своите инструменти и музиката. Свират со неверојатна леснотија, духовито и мајсторски. На моменти ви се чини како да се наоѓате пред оркестар кој постои десетици години, иако од неговото формирање до денес, нема поминато ниту една година.

Вчерашниот нивен настап на „Аlbania jazz fest“ ја покажа сета смисла на нивното формирање и работа. 

Во преполната сала на Академијата за уметност во Тирана, публиката ги испрати со неколкуминутен аплауз и два пати барање, музичарите да се вратат на сцена.

Културно-информативниот центар во Тирана најавува за 16 мај 2024 претставување на „Џамбо Агушеви оркестар“ на фестивалот „Clouds“ во Тирана. вт/мд/

Фото: Герта Кордали

Остани поврзан