• сабота, 23 ноември 2024

Националната галерија ја започна програмата за тековната година со меѓународниот проект „Flux Identity“.

Националната галерија ја започна програмата за тековната година со меѓународниот проект „Flux Identity“.
Скопје, 12 февруари 2021 (МИА)- Националната галерија ја започна програмата за тековната година со меѓународен проект под наслов „Flux Identity“. Како што информираат од Националната галерија, изложбата е реализирана во соработка со Канадската амбасада и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад. На отворањето на изложбата на 10 февруари присуствувале почесниот конзул на Канада, Анета Пешева и одговорното лице за односи со јавност на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, Олгица Маринковиќ. Директорката на галеријата Дита Старова-Ќерими истакнала дека соработката со Амбасадата е долгогодишна и дека е задоволство секој проект на културното вмрежување на двете земји. На изложбата, динамичен дијалог со разновидноста на идентитетот водат уметниците Two Gullivers (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перуновиќ, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски и Шќипе Мехмети. - Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата, информираат од Националната галерија. Авторот на проектот и куратор, Светлана Младенов од „Визарт“ - Нови Сад истакнала дека овој проект веќе е реализиран во Србија, а наредна дестинација според програмата ќе биде Црна Гора. Изложбата е отворена согласно протоколите за заштита на јавното здравје, а ќе биде поставена во Чифте амам до 26 овој месец. Досега, како резултат на соработката со Канадската амбасада беа организирани Деновите на франкофонијата на 10 март 2020 година во чии рамки беше претставен уметникот и графичар Ги Ланжевин, а на 30 март 2016 година пред македонската публика се претстави Жо Ан Ланвил со изложбата под наслов „Природа на универзумот“. свс/бак/

Остани поврзан