• недела, 28 јули 2024

Научна регионална конференција на тема „Предизвиците на децата со канцер и Ковид-19“

Научна регионална конференција на тема „Предизвиците на децата со канцер и Ковид-19“
Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) - Коронавирусот ги покажа недостатоците, но и способноста на здравствениот систем да води грижа за пациентите со малигни заболувања и да спроведува успешни трансплатации во време на пандемија. Ова беше заклучено на денешната научна регионална конференција на тема „Предизвиците на децата со канцер и Ковид-19", на која здравствени работници и претставници на невладини организации ги споделија искуствата со предизвиците во изминатиот период. На конференцијата учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој истакна дека поддршката кај овие пациентите е од голема важност и дека за таа цел е формирана и родителската куќа. - Со цел поддршка и размена на искуства и посебно внимание на членовите на семејството беше организирана родителската куќа, во која се сместени семејства кои што доаѓаат надвор од Скопје и немаат каде да се сместат. Ние дури и во време кога се стави акцент на пандемија, направивме некои интервенции кои до тогаш не беа направени, имавме успешни трансплатации кои покажуваат дека дури и во такваа криза, не беа запоставиени и овие важни сегменти во здравствениот ситстем, изјави министерот. Тој додаде дека благодарение на ова искуство, сега точно знаат во кој дел е потребна соработка со граѓанските организации. Воедно Филипче се осврна на вакцинацијата како процес кој ќе помогне во поголемата заштита на овие пациенти и изрази надеж дека ќе се зголеми заинтересираноста за неа. Доктор Светлана Крстевска Балканов од Универзитетската клиника за хематологија се надоврза дека генерално е потребна вакцинацијата и кај имунокомпромитираните пациенти. - Одговорот е генерално да, со две последователни дози во период од три до четири недели кај пациентите кои во моментот не примаат терапија, додека кај пациентите кои примиле хематолошка терапија потребен е период од шест до девет месеци за реконструкција на хуморалниот имунитет, кој е посакуван одговор од вакцината, истакна Крстевска Балканов. Таа рече дека безбедноста и ефикасноста на вакцините кај имунокомпромитираните пациенти и општата популација е идентична. Според доктор Ирина Пановска Ставрис ваквите настани се значајни за децата со малигни болести и заклучи дека лекувањето има многу аспекти, а како најважен е токму поддршката. Крстевска потенцира дека глобалниот пораст на малигните заболувања е присутен и во државава, но и во светските рамки, и во контекст на Ковид-19 пандемијата, според неа, потребно е поставување цели и предизвици со цел заедничко решавање. - Како корона-пандемијата ни беше пред портите и напредуваше и растеше, така стануваше јасно дека поголема осетливост имаат возрасните пациенти со коморбилитетите. Тоа се пациенти со хронично респираторна исуфициенција, кардиоваскуларни и бубрежни заболувања, фијабетес, карциономи. Меѓутоа, воопшто се заклучи дека покрај имунокомпримитирани пациенти кои беа во голем ризик, не беа заобиколени ни младите пациенти и затоа беше потребно да се заштити оваа група на популација, објасни Крстевска. Таа информира дека од податоците од студија објавена на почетокот на 2021 година, спроведена на три континента и во која се вклучени резултати од 38 истражувања со 3.377 пациенти со акутна форма на Ковид-19 и малигни хематолошки заболувања, произлегува дека ризикот на смртност кај возрасни е поголема, во однос на децата. - Во студијата ризикот на смртност е компариран помеѓу две групи на возрасни пациенти и на деца, ризикот од смртност кај возрасни изнесува 34 проценти, во однос на четири отсто кај деца. Возраста е еден од главните фактори за тоа каков исход би имале овие пациенти, возраста и третманот во моментот на инфицирање со Ковид-19 се ризик фактори од развој на сериозна клиничка слика и поголема смртност кај оваа група на пациенти, појасни таа. На првата научна регионална конференција на тема „Предизвиците на децата со канцер и Ковид 19", гостуваа и претставници на невладини организации од Хрватска и Босна и Херцеговина. свс/сп/

Остани поврзан