• среда, 27 ноември 2024

Наставници обучени за креирање видеосодржини за наставни цели во рамки на Еразмус-проект

Наставници обучени за креирање видеосодржини за наставни цели во рамки на Еразмус-проект

Скопје, 23 септември 2024 (МИА) - Во рамки на европската образовна програма Еразмус+, Кинотеката во партнерство со четири земји од Европа (Словенија, Бугарија, Србија и Шпанија) е дел од проектот „...и Акција!“ - за примена и креирање видеосодржини за наставни цели. 

Проектот поддржан од ЕУ опфатил обука на наставници од петте земји за создавање видеосодржини што се достапни на платформата  www.andactionproject.eu, а резултатите беа презентирани денеска на конференција во Кинотека. 

Целта на проектот е наставниците да стекнат вештини за создавање атрактивни видеосодржини за нивните ученици. Биле организирани четири обуки во земјите партнери на кои им претходела методологија со анкета на околу 500 наставници од петте држави во проектот за тоа колку ги користат видеосодржините во наставата и колкава е потребата за нивна примена. 

Како што соопшти Миранда Ала Речи, филмолог во Кинотеката и координатор на проектот „...и Акција!“ (…And Action!), истражувањето покажало дека образованието има потреба од „чекор напред“ и затоа ги спровеле обуките. Од нашава земја во обуките биле вклучени наставници од основно и од средно образование од четири училишта (две од Скопје и по едно од Струмица и Охрид). 

Според координаторката на проектот Ала Речи, нашите наставници, како и нивните колеги од другите партнерски земји во проектот, се креативни за да создадат вакви содржини и кога немаат доволно ресурси. 

-Ги поддржуваме да креираат сами нешто свое, некое кратко видео направено со учениците на самиот час за тој да биде поинтересен и да го задржи вниманието на учениците, истакна Ала Речи, нагласувајќи дека дигитализацијата во образованието треба да биде во чекор со напредните текови затоа што се сменети интересите на децата и начинот на учење. 

Проф. д-р Розалина Попова-Коскарова од Педагошкиот факултет на УКИМ истакна дека проектот промовира иновативна и благородна идеја затоа што ги оспособува наставниците за стекнување знаења, компетенции и вештини за креирање сопствени видеа за потребите на наставата. 

Според неа, сите наставни предмети се податливи за видеосодржини и не постои ограничување. Како што рече, може да се снимаат видеа од сите научни подрачја и од уметностите, како и за мајчин и странски јазици. 

- Може ќе помислиме дека има многу готови видеа на Јутјуб коишто наставниците со задоволство ги користат, но понекогаш е потребно самиот наставник, од содржините што се предвидени во наставната програма, да избере нешто што ќе допре до учениците и на тој начин да создаде едно сопствено видео. Така ја зголемува сопствената креација, но ги мотивира и учениците и тие понатаму да имаат иницијатива да создаваат сопствени видеа, рече Попова-Коскарова.

Посочи дека со спроведената анкета, наставниците изразиле голема желба да посетат обука и да може да ја стекнат оваа вештина за создавање видеа за едукативни цели, како што рече, со почитување на основните критериуми важни за секој наставник – видеосодржината да биде поврзана со наставната програма од редовната настава или од воннаставните активности. 

Втор важен принцип, посочи таа, е дидактичкиот – да се почитуваат способностите на учениците и видеосодржините да бидат сообразени со нивната возраст. 

- Се разбира, да не се заборави на етичноста и на сѐ она што промовира вредности. Ние сите снимаме видеа во приватниот живот, но овде мора да се спои теоријата со практиката, особено пишувањето сценарио, снимање, монтажа итн. што навистина е една компетенција која наставниците не ја стекнале досега преку некои други обуки, додаде професорката. 

Покрај наставниците што присуствувале на обуките, во рамки на проектот има и онлајн-обуки на платформата  www.andactionproject.eu достапни на јазиците на петте земји и на англиски. Тие се бесплатни за сите наставници и за други заинтересирани кои ќе добијат и сертификат за учество на обука за креирање видеосодржини за наставни цели. хс/бак/

Фото: Кинотека / МИА

 

 

Остани поврзан