• вторник, 24 декември 2024

Насилството од 27 април во Собранието, предупредување како не треба да биде

Насилството од 27 април во Собранието, предупредување како не треба да биде
Скопје, 27 април 2021 (МИА) – Четвртата годишнина од насилствата во Собранието поминува во знакот на повторни нагласени несогласувања помеѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и владејачките партии и опозициските партии, како од македонскиот така и од албанскиот блок. На денешен ден пред четири години во Собранието се случи најтешкиот инцидент кога пратеници беа тепани од граѓани кои насилно влегоа во објектот. За овој настан има пресуди и осудени лица, но тој се уште предизвикува различни дилеми како меѓу политичарите, така и меѓу граѓаните. На 27 април 2017 година првпат за претседател на Собранието беше избран токму Џафери, кој беше првиот Албанец на оваа функција. Во месеците потоа тој правеше обиди за помирување на политичките партии и страни, но настанот остана во колективната меморија како еден од најнегативните дотогаш, а последиците од него ги засегнаа не само политичарите, собраниските служби, обезбедувањето, полицијата, но и новинарите и медиумските работници. Џафери неодамна изјави дека овие насилни настани, според него, никогаш не требало да се случат и тоа не смеат да се повторат. – Мислам дека мозинството од тогаш наваму направи исчекор во помирувањето, но не смее да се заборави за да се имаат предвид искуствено да не дозволи друга гарнитура да се повтори тоа, рече претседателот на Собранието. Запрашан што мисли за пресудите што се однесуваат на новинарите кои беа вечерта во Собранието, тој рече дека не му се баш логични одлуките на судот, но во принцип не би се мешал во одлуки на друга власт. – Во која било форма сите бевме натепани (физички или психички) што бевме внатре, без исклучок, рече Џафери, додавајќи дека тоа се процедури кои веројатно треба правно да се допрецизираат, а соодветните институции кои ја набљудуваат нивната работа ќе го кажат свој конечен став.

Премиерот Зоран Заев денеска потсети на лузните што ги носи како еден од учесниците на, како што рече, непосакуваните настани од 27 април 2017 година и ја испрати пораката – да не се повтори никогаш повеќе, ни во Северна Македонија, ниту било каде во светот.  

-Ќе го споделам уште еднаш чувството дека тој 27 април 2017 година два часа и 15 минути секоја секунда јас, колегите пратеници и новинарите околу нас чекаа да го изгубат животот. Буквално секоја секунда вековиште беа тие два часа и 15 минути. Денеска да се организира собир за да се даде поддршка на осудени луѓе кои се обидоа на очиглед на јавноста  јавно да убиваат и ликвидираат новинари, камермани, пратеници во Собранието е или забеганост или е соучешниство, ништо друго, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.  

Со свој став денеска излегоа политичките партии од владејачкото мнозинство, а во неделата опозициската ВМРО-ДПМНЕ одржа мирен протест во одбрана на како што нагласија „уставобранители“ кои се во затвор за овој случај. За владејачката СДСМ, 27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ. -Вооружени насилници поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, да го урнат уставниот поредок и државата да ја втурнат во провалија. Тие насилници кои беа придружувани и од Христијан Мицкоски пред македонското Собрание, не се, ниту некогаш ќе бидат уставобранители, тие се само насилници, бранители на криминалите на Никола Груевски, нагласуваат од СДСМ. Четири години подоцна денес, нагласуваат од оваа партија, наместо извинување и осуда, целата јавноста гледа како Мицкоски цврсто стои на браникот на криминалот и насилството, стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток. Според СДСМ, тоа покажува дека ништо не е сменето во опозициската партија, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е истото предводено од Груевски. Тоа е насилничка партија, која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните. -СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори, нагласуваат од владејачката партија.     Се огласи и ДУИ, која апелира до сите политички партии да се заложат дека 27 април повеќе нема да се повтори. -ДУИ го осудува говорот на омраза што се слушна за време на протестот организиран во недела во одбрана на обвинетите и осудените лица за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РСМ. Појавувањето на менталитетот од пред 2001 година не му личи на едно мултиетничко општество и држава како што е Република Северна Македонија бидејќи тоа го отежнува континуираното градење на доверба меѓу нашите народи, се посочува во соопштението од ДУИ. На овој протест организиран од ВМРО-ДПМНЕ, според ДУИ, се архаични и регресивни идеи што треба да бидат осудени од сите учесници на протестот и истите да се дистанцираат за да не се идентификуваат со нив. -ДУИ беше, е и ќе остане посветена на функционирањето на земјата како што и прилега на земја-членка на НАТО и земја која во блиска иднина има за цел да стане дел од Европската Унија, нагласуваат од оваа партија. Вчера, пак, се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој оцени дека масовноста на протестот што се одржа во неделата го покажала големото незадоволство на граѓаните од Владата, но, пред се, да дадат поддршка на лицата кои, според него, се „неправедно осудени за дело кое што не го направиле, а тоа е тероризмот“. Зборуваше за проблемите што ги предизвика пандемијата и мерките што ги презема Владата, губењето на работата, големите бројки на заразени и починати, немање вакцини, но и за однесувањето на спикерот Џафери, кој, според Мицкоски, „дополнително ги комплицира работите и оти потсетува дека ништо во суштина не е решено, дека ситуацијата многу брзо може да ескалира и да се радикализира“. На 27 април 2017 година, учесници во протестите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа отфрлување на т.н. „Тиранска платформа“ и одржување нови парламентарни избори, насилно упаднаа во законодавниот дом. Околу 19 часот маскирани лица беа пропуштени од собраниското обезбедување и упаднаа во салата за новинари. Настанот резултираше со насилство од страна на демонстрантите, кои физички нападнаа повеќе пратеници и новинари. Со тешки телесни повреди се здобија Зоран Заев, Зијадин Села, како и Радмила Шекеринска. Обвинети дека биле организатори на настаните од 27 април 2017 се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, кој е првообвинет, поранешните министри за транспорт и врски и за образование Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски и поранешниот шеф на УБК Владо Атанасовски. Тие се гонат дека сториле кривично дело. Тие се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Случајот го води судијата Илија Трпков и се наоѓа во доказна постапка, последното рочиште што се одржа на 25 март годинава беше одложено поради болест на еден од членовите на судечкиот совет. Меѓу осудените за овој случај е и поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков. Тие се неправосилно осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Процесот се водеше против вкупно 33 лица, а по донесувањето на Законот за амнестија беа амнестирани 15 од нив. За обид за убиство и учество во толпа беа осудени уште деветмина, а затворски казни добија и лицата кои се обидоа да го убијат Зијадин Села. ев/ац/  

Остани поврзан