• среда, 25 декември 2024

Народната банка изготвува статистика во согласност со највисокиот стандард на ММФ ‒ СДДС плус

Народната банка изготвува статистика во согласност со највисокиот стандард на ММФ ‒ СДДС плус

Скопје, 18 април 2023 (МИА) - Преку квалитетното извршување на статистичката функција, Народната банка придонесува кон јакнење на процесот на донесување одлуки на економските чинители. Во согласност со меѓународните стандарди, Народната банка ги прибира, ги изготвува и ги објавува статистичките податоци, во доменот на своите надлежности, а постојано работи и на надградба во одделни статистички домени. За ова говори и членството во највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус, којшто го исполнуваат 30 земји во светот.

Ова беше посочено на состанокот меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Фадил Бајрами со директорот на Одделот за статистика на ММФ, Алберт Крусе, одржан во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон.

-Како дел од процесот на усогласување со меѓународните статистички стандарди, вклучително и стандардот СДДС плус, Народната банка минатата година започна со објавување нов сет статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност. Покрај ова, централната банка и натаму работи на развивањето на последниот показател СДДС плус што е во нејзина надлежност, кварталните финансиски сметки. Во тој контекст, покрај објавувањето на годишни состојби, во напредна фаза се подготовките за објавување и на кварталните податоци за финансиските сметки, состојби, со што ќе се овозможи достапност на пофреквентни информации за носителите на политиките и за согледување на движењата кај одделните сектори. Се очекува дека првите податоци за квартални финансиски сметки ќе се објават до крајот на оваа година, се наведува во соопштението од Народна банка.

На состанокот беше истакнато дека Народната банка постојано применува практики за зајакнување на транспарентноста и во овој домен, преку редовна комуникација со известувачите и со корисниците на статистичките податоци. Покрај на квалитетот, особено внимание му се посветува и на пренесувањето на податоците соодветно на целната јавност, преку користење визуализација, како и публикација на текстови и статистички содржини, вклучително и на платформите од широк јавен интерес како медиумите и социјалните мрежи. ММФ и понатаму ќе ја поддржува Народната банка во сферата на статистиката. дма/лв/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан