• сабота, 23 ноември 2024

Народен правобранител: Детето треба да биде во агендите и стратегиите на сите органи и институции

Народен правобранител: Детето треба да биде во агендите и стратегиите на сите органи и институции
Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) - По повод Светскиот ден на детето - 1 Јуни, Народниот правобранител потсетува на обврската за создавање основни предуслови со кои секое дете ќе може да ги ужива правата загарантирани со Конвенцијата за правата на детето. -Тоа во пракса значи да се почитува детето како личност, да се сослуша неговото мислење и да му се овозможи непречено без никакви форми на дискриминација да си ги остварува правата.Само на овој начин ќе покажеме дека навистина се залагаме за почитување на најдобриот интерес на детето, се вели во соопштението. Народниот правобранител посочува дека сè уште голем број деца немаат пристап до соодветно образование или го напуштаат, немаат здравствена заштита, живеат во крајно лоши услови, (субстандардни) живеалишта, без потребната грижа и под ризик од секаков вид на злоупотреба. Со децении нерешениот проблем на неевидентирани деца кои, како што се наведува, не можат да бидат запишани во матична евиденција и да добијат извод од матична книга на родени и натаму е пречка до било кое право утврдено со Устав и закон. Од Канцеларијата на Народниот правобранител укажуваат на системски слабости кои го оневозможуваат уживањето на правата и алармираат час поскоро институциите да изнајдат решенија за практично уживање на правата и обезбедување услови за нивен натамошен просперитет. -Народниот правобранител на овој ден потсетува дека детето треба да биде во агендите и стратегиите на сите органи и институции. Истовремено укажува дека законите и другите правни акти во врска со детето треба да се креираат по мерка на детето, а одлуките да се носат само и исклучиво во негов најдобар интерес. Без оглед дали на локално или пак, на централно ниво се разгледуваат прашања поврзани со детето и неговите права, тоа мора да биде вклучено односно да се слушне гласот на детето. Само на таков начин, правата на детето ќе го добијат вистинското место и значењето кое го заслужуваат. Тоа е правилниот пат, на детето да се гледа како на носител на права и учесник во постапките на донесување одлуки, стои во соопштението. мд/дма/

Остани поврзан