„Напредни лозари" најави кампања за подобрување на условите за лозаропроизводство
- Како што информираше претседателот на здружението Трајче Кулев, целта е решавање на долгогодишните проблеми во овој сектор.

Кавадарци, 14 февруари 2022 (МИА) - Здружението „Напредни лозари" вечерва најави кампања за подобрување на условите за лозаропроизводство.
Како што информираше претседателот на здружението Трајче Кулев, целта е решавање на долгогодишните проблеми во овој сектор.
- Меѓу другото, бараме утврдување на откупните цени на грозјето, зголемени најмалку за 100 проценти во однос на досегашните и нивно гарантирање со закон, но не подоцна од почетокот на месец јуни 2022 година. Се залагаме за изработка и донесување на закон за лозарство и грозје како посебен закон, а не во рамките на законот за вино, нагласи Кулев.
Тој рече дека од оваа година па натаму, ни една сорта на грозје не смее да биде со цена под 30 денари, а на високосортните и трпезните сорти под 50 денари.
Доколку изостане разбирањето за проблемите на лозарите, најави тој,„Напредни лозари“ ќе ги повика лозарите на преземање порадикални облици на борба како протести, блокади и останати облици на борба, се до потполно исполнување на нашите барања.
Кулев ги повикува сите производители на грозје, сите лозари и останатите сограѓани во Тиквешијата и пошироко, за масовна поддршка и со тоа да им го зголемат, како што рече, кредибилитетот во застапувањето на нивните интереси. свд/цр