• среда, 08 април 2026

Напади во повеќе земји на Блискиот Исток и покрај објавеното примирје

Напади во повеќе земји на Блискиот Исток и покрај објавеното примирје

Дубаи, 8 април 2026 (МИА) - Напади во текот на ноќта и утринава се пријавени во повеќе земји на Блискиот Исток и покрај објавата за примирје меѓу Иран и Соединетите Американски Држави - пренесуваат медиуми и официјални извори.

Американски медиуми, повикувајќи се на израелски официјален претставник, наведуваат дека Израел од утринава продолжил со напади врз Иран, објави Би-би-си. Тоа се случува и покрај потврдите од Белата куќа и од Пакистан, кој посредуваше во постигнувањето на прекинот на огнот, дека и Израел се согласил со договорот за примирје.

Напади се пријавени и во Ерусалим, каде што новинарите на Би-би-си наведуваат дека „слушнале и почувствувале повеќе експлозии“, со предупредувања упатени до населението.

Во меѓувреме, сирени за тревога се огласиле и во Бахреин, а Министерството за внатрешни работи упатило повик до граѓаните да одат во засолништата.

Министерството за одбрана на Катар преку социјалните мрежи објави за пресретнати ракети насочени кон цели во оваа земја.

Истовремено, Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати соопшти дека земјата се соочува со ракетни напади и беспилотни летала што доаѓаат од насока на Иран.

Во Саудиска Арабија службите за цивилна заштита издале најмалку две предупредувања во последните два часа, а веќе по првото, според соопштенијата на надлежните и извештаите на новинарите во Ријад, било објавено дека ситуацијата е безбедна. аб/сд

фото/МИА архива

Остани поврзан