• понеделник, 23 декември 2024

Намалена перцепцијата за иселувањето на младите покажуваат истражувањата во публикацијата „Млади, миграции и образование“

Намалена перцепцијата за иселувањето на младите покажуваат истражувањата во публикацијата „Млади, миграции и образование“

Штип, 4 декември 2024 (МИА) – Се намалува перцепцијата за иселувањето на младите. Тоа е факт, но се уште сме над регионалниот просек на ниво на Југоисточна Европа, покажаа истражувањата во научната публикација „Млади, миграции и образование“ од авторите Страшко Стојановски, Ана Панева и Кристијан Панев, а која денеска беше промовирана на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.

Универзитетскиот професор, Стојановски вели дека пред десет години беше до 78 проценти, а сега околу 56 % од младите сакаат да се иселат.

-Има тенденција на намалување, но тоа 56% воопшто не е малку и треба да се работи сериозно. Се разбира младите мора да се вклучат во процесот на донесување на одлуки, не само на локално ниво, не само за прашања кои ги тангираат младите, туку за сите прашања, од урбанизам до стратегии, инфраструктура, за се младите треба да бидат прашани, вели Стојановски.

Прашан колку младите од внатрешноста мигрираат кон главниот град Скопје, Стојановски вели дека нема нови податоци, но, такво истражување имале пред десет години, кај средношколците е околу 40%, а за студентите на штипскиот Универзитет тој процент е околу 10, за што Стојановски вели дека конценптот за дисперзирано образование има одредено влијание.

Универзитетскиот професор на Факултетот за образовани науки при УГД-Штип, Кирил Барбареев вели дека станува збор на сериозна научна публикација, која е работена од 2014 година до 2023 година. Тој забележува дека една од најголемите теми за нашата држава, а тоа е одливот на мозоци е обработена од повеќе аспект, од страна на авторите. Посочува дека внатре во публикацијата има и многу позитивни и охрабрувачки резулати за креаторите на образовните политики, односно дека децентрализацијата и дисперзирањето на високото образование даваат резултати за да младите останат во своите родни места или во државата.

-Анализите покажуваат дека 60% од младите би останале во сопствената локална средина или во блиската локална средина, ако имаат квалитетен концепт на образование и ако имаат квалитетни елементи за продолжување после образованието во некаков пазар на труд или она што претставува граѓанско општество, вели Барбареев.

Во научната публикација се даваат и конкретни решенија и заклучоци на самите автори, како да се намали иселувањето на младите надвор од земјата. вдј/сст/

Фото: МИА  

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан