• недела, 22 декември 2024

НАкС: Сенаторите на УКИМ да не го усвојат Етичкиот кодекс зашто ја загрозува академската слобода

НАкС: Сенаторите на УКИМ да не го усвојат Етичкиот кодекс зашто ја загрозува академската слобода
Скопје, 28 април 2021 (МИА) - Независниот академски синдикат (НАкС) ги повика членовите на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  да не гласаат за усвојување на Етичкиот кодекс, кој е на дневен ред на утрешната сенатска седница, зашто сметаат дека е противуставен и им ја загрозува академската слобода. Според НАкС, предложениот текст, главно, забранува, а не регулира односи врз база на етички вредности. Синдикатот смета дека тој е репресивен во неговата суштина и оневозможува квалитетна расправа и критика, која е особено важна во високообразовна институција. -На пример, според текстот, основа за покренување постапка против прекршител на Кодексот се дела кои се подложни на арбитрарна проценка, како што се повреда на угледот на Универзитетот, неговиот интегритет, итн. Кодексот оди до таму да го санкционира синдикалното или делувањетопреку друг начин на здружување на членовите на академската заедница, во случај кога раководните органи на Универзитетот ќе се произнесат дека нивните активности го повредуваат достоинството на Универзитетот и едниците. Овие одредби претставуваат јасен обид да се спречи јавното делување на членовите на академската заедница, надвор од официјалната догма на органите на УКИМ, наведува НАкС во соопштение. Меѓу другото, НАкС посочува дека Кодексот се обидува да го регулира и присуството на вработените на социјалните мрежи и смета дека со тоа се прави „груб упад во личните права и слободи“. Според синдикатот, со текстот на Кодексот сериозно се загрозува правото на слобода на говор, мисла и уверување и се ограничува правото на слободно здружување на членовите на академската заедница. -Наместо автономен Универзитет, кој обезбедува простор за дебата и критика во сопствената средина, УКИМ ќе се претвори во авторитарна институција, која го потиснува различното мислење,.. Имајќи ги предвид овие сериозни недостатоци на Етичкиот кодекс, неговото изгласување ќе им овозможи простор на органите на управување да го потиснат секој став кој е различен од нивниот, обезбедувајќи едноумие низ привидна саморегулација, наместо академска слобода, посочува НАкС и затоа ги повикува сенаторите на УКИМ наместо да го усвојат, да се спротивстават на предложениоет текст и да почнат постапка за изготвување нов кодекс. хс/са/

Остани поврзан