• четврток, 26 декември 2024

Над 650 пакети со помош за настраданите од земјотресот во Турција собрани во хуманитарната акција на Меѓународниот балкански универзитет и Рамстор

Над 650 пакети со помош за настраданите од земјотресот во Турција собрани во хуманитарната акција на Меѓународниот балкански универзитет и Рамстор

Скопје, 13 февруари 2023 (МИА) - Над 650 пакети со помош за настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција се собрани во рамки на хуманитарната акција што под мотото „Ние сме со народот на Турција“ ја организираа Меѓународниот балкански универзитет во соработка со Рамстор.

Во акцијата се собрани илјадници парчиња ќебиња, јоргани, перници, зимски јакни и топла облека, чорапи и обувки за жени, мажи и деца, големи количини средства за хигиена, но и конзервирана храна и храна за бебиња, како и други производи што во моментов се неопходни за преживеаните во катастрофата.

Акцијата, која беше спроведена со поставување кутии за донација на повеќе локации, и тоа во Кампусот на Меѓународниот балкански универзитет, во маркетите на Рамстор во моловите во Скопје и Тетово, како и во повеќе маркети на Рамстор во Скопје, Гостивар и Куманово и во Мурат-Пашината Џамија во Старата чаршија во Скопје наиде на силен одѕив кај граѓаните кои несебично донираа и уште еднаш ја искажаа својата солидарност.

-Би сакале да изразиме бескрајна благодарност до сите добродетели кои учествуваа во нашето движење за хуманитарна помош „Ние сме со народот на Турција“ организирано како соработка на Меѓународниот балкански универзитет и Рамстор. Би сакале да изразиме благодарност и до нашиот административен персонал, академскиот кадар, студентите и волонтерите за нивните неуморни напори за сортирање и пакување на собраната помош. Исто така, благодарност до Ефтинија Импекс, Tampak.mk, Количани, Димода, Фондација Легис, Фондација Албис, Асоцијација ЗОР, Дигиталниот центар Принт Хаус, Youth Medical Association, Темпо 99, Kaşmir Halı, Kalliri i Mirësisë и Градинката Снежана кои се вклучија со помош во хуманитарната акција“, вели проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем, ректор на МБУ.

Шлепери со донацијата, која се собра за само четири дена, колку што траеше акцијата (од 7 до 10 февруари) во саботата тргнаа за Турција и помошта е доставена до Центарот за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).

Детални информации за собраните производи може да се најдат на официјалната страница на МБУ: https://www.ibu.edu.mk/we-are-with-the-people-of-turkey/ мд/са/

Остани поврзан