• понеделник, 23 декември 2024

Над 300 луѓе го загубија животот во поплави во Источна Африка

Над 300 луѓе го загубија животот во поплави во Источна Африка

Најроби, 1 мај 2024 (МИА) - Повеќе од 300 луѓе го загубија животот во поплави во Кенија, Танзанија, Бурунди и Уганда, а поројните дождови кои ја зафатија Источна Африка не престануваат, јави ДПА.

Само во Кенија животот го загубија 169 лица, соопшти денеска владиниот портпарол. Претходно, Кабинетот во Најроби одржа посебен состанок за да разговара за мерките за справување со поплавите и последиците.

За време на посетата на Маи Махиу во источноафриканската долина Рифт, каде вчера загинаа речиси 50 луѓе по пукањето на браната, а 26 се уште се водат како исчезнати, кенискиот претседател Вилијам Руто рече дека жителите на областите загрозени од поплави или лизгање на земјиштето мора да бидат преместени на безбедно место во рок од 48 часа.

Според метеоролошката служба на земјата, во следните седум дена се очекуваат пообилни врнежи во Кенија.

Патиштата се блокирани, а мостовите станаа непроодни, што го отежнува движењето на стоки меѓу земјите во регионот, како меѓу Уганда, Руанда и Демократска Република Конго.

Во Танзанија особено загрозени се крајбрежните области, кои се изложени не само на поројни врнежи, туку и на силни грмотевици и големи бранови. Во исто време, во последните денови имаше бројни одрони во регионите Аруша и Мањара, популарни туристички дестинации за сафари тури, забележува ДПА. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан