• понеделник, 23 декември 2024

Над 2.700 сомнителни нови случаи на мпокс за една недела во Африка

Над 2.700 сомнителни нови случаи на мпокс за една недела во Африка

Најроби, 24 октомври 2024 (МИА) – Вкупно 2.729 нови сомнителни случаи на болеста мпокс се пријавени во Африка во период од една недела, според Африканските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Од нив, 1.001 се потврдени преку тестови, рече Нгаши Нгонго, шеф на тимот за мпокс во Африканската ЦДЦ.

Тој додаде дека оваа бројка, сепак, не дава сигурност во однос на другите случаи, а тоа се должи на ограничените тестови и лабораториски капацитети во погодените земји.

Дополнително, регистрирани се 26 смртни случаи, рече тој, пренесе ДПА.

Африканската ЦДЦ, исто така, ги ревидираше своите бројки од претходната недела во врска со смртните случаи од почетокот на годината, наведувајќи дека имало 1.014 смртни случаи од 45.327 сомнителни случаи во Африка. Претходната недела, властите пријавија 1.100 смртни случаи.

Во изминатите четири недели, ниту еден случај не е потврден во Камерун, Габон, Гвинеја, Руанда и Јужна Африка.

Сепак, многу случаи кај децата, особено во Демократска Република Конго, се причина за загриженост, според извештаите, бидејќи тие истовремено заболуваат од мпокс и сипаници. Иако вакцинацијата против мпокс сега почна во оваа централноафриканска земја, достапната вакцина е само за возрасни.

Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен интерес поради зголеменото ширење на мпокс во Африка. Тоа е највисокото ниво на тревога со цел да предизвика зголемено внимание од властите ширум светот. јт/

Остани поврзан