• понеделник, 23 декември 2024

Над 1000 деца го посетија првиот Саем на креативни индустрии

Над 1000 деца го посетија првиот Саем на креативни индустрии
Скопје, 6 ноември 2022 (МИА) - Повеќе од 1000 деца на возраст од шест до 17 години ја искористија можноста да се забавуваат и да учат за креативните индустрии, а околу 200 од нив добија награди од изложувачите во рамките на првиот Саем на креативни индустрии. Како што информираа организаторите на настанот, во текот на двата дена Саемот им овозможи на децата не само да научат што сѐ може да биде дел од креативните индустрии, туку и да го видат нивниот потенцијал и оригиналните идеи на 40-тина изложувачи. Тие имаа можност да видат и играат видео игри создадени во нашата земја, принтови на хартија и текстил, 3Д-печатање во живо, роботска рака, како и да слушнат и видат видео приказни и макети за изработка на сетови за анимиран филм. - Саемот за креативни индустрии се роди од идејата да се подигне профилот на креативниот сектор, да ги поврзе организациите кои имаат заеднички интерес во креативните индустрии и да ги едуцира децата на нов, невообичаен и интерактивен начин за креативните индустрии. Спојот на креативните индустрии, бизнисите од истата област, образованието и младата работна сила се од витално значење за здраво креативно општество. Саемот придонесе и за популаризација на креативните индустрии и нивно акцентирање, можностите за работа што ги нудат како и вмрежувањето на поединци и асоцијации, информираат организаторите. Саемот за креативни индустрии ќе има и втор дела што ќе се одржи во Битола на 23 ноември во Офицерскиот дом и киното „Манаки“. Настанот е организиран од страна на Здружението „Балкан синема ситис“ во соработка со киното „Синеплекс“ и Културен и информативен центар - Битола, поддржан од Министерството за култура. сп/

Остани поврзан