• четврток, 02 април 2026

Надзорна расправа за семејното насилство треба да се одржи во Собранието во рок од 15 дена

Надзорна расправа за семејното насилство треба да се одржи во Собранието во рок од 15 дена

Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Собраниската комисија за еднакви можности на мажите и жените денеска донесе одлука да се одржи надзорна расправа на која ќе се расправа за тоа колку институциите ги спроведуваат законите за превенција и заштита од семејно насилство. Одлуката беше донесена едногласно, а надзорната расправа треба да се одржи во рок од 15 дена. 

Иницијатори за одржување ваква надзорна расправа се пратеничките Жаклина Пешева од ВМРО-ДПМНЕ и Моника Зајкова од Либерално-демократската партија. 

Зајкова во образложението потенцира дека Собранието нема намера да се меша во судската власт и да глуми правосуден орган, но дека во согласност со Деловникот има можност да свика надзорна расправа со цел да ги повика институциите од неговиот делокруг за да види колку ги спроведуваат законите што ги носи Собранието. 

Посочи дека целта на надзорната расправа е поттикната од немилите настани со семејно насилство, но дека не е политичка за што потврда е фактот што е поднесена од пратенички од разни политички партии. 

- Она што го слушавме, особено во сведочењето изминатите денови, е срам на еден систем, кој дозволил повеќе луѓе да пријавуваат, а никој да не реагира. Слушнавме дека 39 луѓе не постапиле по законски утврдените надлежности, а во претходниот случај беа 11, што остава впечаток дека не станува збор само за човечка суднина или грешка, туку за системски пропуст направен свесно. Од една страна, ги охрабруваме луѓето да пријавуваат случаи на семејно насилство, а од друга, не ги заштитуваме. Конкретно, во последниот случај тој молк траел со години - нагласи Зајкова.

Не може да чекаме друг случај и друго име за тогаш да го отвориме прашањето, рече Зајкова. 

Целта е да се детектира одговорноста кај секој индивидуално, без разлика дали станува збор за центри за социјална работа, полиција или обвинителство.

- Ако оваа држава не може да ги заштити граѓаните што пријавуваат вакви случаи, тогаш не станува збор само за нефункционален систем, туку за опасен систем во кој живееме. И поради тоа, обврска ни е како пратеници тоа да го кренеме на пиедестал и да одржиме квалитетна надзорна расправа, од која ќе се извлечат заклучоци бидејќи, на крајот на краиштата, бадијала е ако ние гласаме за закони, а некој не ги спроведува - рече Зајкова. бак/са/

Фото: принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан