На денешен ден
- 1562.- Во Мадрид е роден Феликс Лопе де Вега, еден од најголемите шпански писатели на "златниот период" на шпанската литература. Творел во сите книжевни родови. Меѓу другото, напишал и 2.200
25 ноември 2022 (МИА)
1562.- Во Мадрид е роден Феликс Лопе де Вега, еден од најголемите шпански писатели на "златниот период" на шпанската литература. Творел во сите книжевни родови. Меѓу другото, напишал и 2.200 драмски дела, од кои се зачувани повеќе од 400. Умрел во Мадрид, на 27 август 1635 година.
1758.- Британците го окупирале Сенегал.
1763.- Умрел францускиот писател Прево, познат по романот „Манон Леско“, според кој Жил Масне и Ѓакомо Пучини напишале опера.
1783.- Последните британски војници го напуштиле Њујорк, на крајот од Американската војна за независност.
1835.- Роден е американскиот индустријалец од шкотско потекло Ендрју Карнеги, кој огромното богаство го вложил во добротворни цели, главно за основање на јавни бибилиотеки во САД и други земји. Тој ги условил локалните власти да го отстапат земјитешто за зградите на библиотеките и да го обезбедуваат нивното одржување. Од работниот однос се повлекол во 1901 година, 18 години пред смртта, а во 1900 година ја објавил книгата „Евангелие на богатството“, со тезата дека „богатиот човек умира срамно“.
1844.- Роден е германскиот инженер Карл Фридрих Бенц, кој во 1885 година конструирал еден од првите автомобили. Ја основал компанијата „Бенц“ за изработка на бензински мотори и автомобили, од која со здружување настанал „Дајмлер-Бенц“.
1874.- Шпанија била прогласена за уставна монархија и на власт била вратена Бурбонската династија. Во 1876 година бил донесен по форма либерален, а всушност реакционерно-монархистички устав, кој останал на сила се до 1931 година.
1915.- Роден е чилеанскиот диктатор генерал Аугусто Пиноче Угарто, кој со помош на САД во 1973 година со воен удар го тргнал претседателот на Чиле Салвадор Аљенде. Од власта се симнал по изборниот пораз во 1990 година, но како доживотен сенатор задржал значително политичко влијание до 1998 година, кога бил уапсен во Лондон на барање на Шпанија која побарала негова ексдрадиција.
1920.- Во Скопје избувнал штрајк на 120 кројачки работници, кои барале зголемување на надниците за 10 насто и воведување на осумчасовен работен ден. Работодавците биле категорични против исполнувањето на скромните барања на штрајкувачите, но сепак штрајкот завршил со делумен успех.
1935.- Во Прилеп е роден Миле Неделкоски, македонски поет, романописец, раскажувач и драмски писател. Член на ДПМ е од 1963 година. Бил уредник во издавачката куќа „Култура“. Најпознати дела: „Улавиот од Преспа“, „Јавачи на ветар“, „Еретикон-еротикон“, „Пандур“, „Потковица на смртта и надежта“, „Петрафил за вечната земја“, „Подгревање на вчерашниот ручек“, „Празникот на светите маченици“, „Провокаторот“. Добитник е на наградите: „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „Рациново признание“.
1939.- Во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни "Бели мугри" од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна. Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ - експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.
1959.- Умрел францускиот филмски и театарски актер Жерар Филип, чии улоги се одликувале со голем сензибилитет. Во театарот со огромен успех ги играл главните улоги во драмите на Вилијам Шекспир, Албер Ками, Пјер Корнеј, Хајнрих фон Клајст, Алфред де Мисе. Филмови: „Ѓавол во тело“, „Фанфан Лала“, „Убавица на ноќта“, „Црвено и црно“, „Големи маневри“, „Опасни врски“, „Господинот Рипо“.
1965.- Извршен бил воен удар во Конго. Генерал Мобуту го собори претседателот Касавубу.
1968.- Умрел американскиот писател Антон Бил Синклер, автор на повеќе романи со социјални теми, политички и социјални акти во кои ги опишува приликите во САД. Дела: „Џунгла“, „Метропола“, „Џими Хигинс“, „Крај на светот“, „Помеѓу два света“, „Претседателскиот агент“, „Свет кој треба да се освои“, „Претседателска мисија“.
1970.- Јапонскиот писател Јукио Мишима јавно ритуално се самоубил во знак на протест против уништување на традиционалните вредности на Јапонија од страна на САД. Дела: „Исповед на маската“, „Шумот на брановите“, „Златен павиљон“, „По банкетот“.
1973.- Во Грција бил извршен државен удар во кој бил соборен диктаторот Пападопулос. Новата хунта на чело со генерал Гизикис веќе следната година им ја предала власта на политичарите, па Константин Караминлис ја формирал првата влада на национално единство.
1974.- Во Велика Британија вон закон била ставена терористичката Ирска републиканска армија, четири дена по подметнувањето есклозив во два паба во Бирмингем при што загинале 21 лице.
1974.- Умрел У Тант, бурмански дипломат, трипати по ред генерален секретар на ООН (1962 до 1971). Конго, берлинската и кубанската криза, војната во Виетнам, пресметките на Блискиот Исток и индиско-пакистанскиот судир биле драматичните настани со кои се соочувал У Тант. Роден бил на 22 јануари 1909 година.
1975.- Јужноамериканската држава Суринам се стекна со независност од Холандија.
1977.- Генералното собрание на ООН ја осудило израелската окупација на арапските територии само со четири гласа против - Израел, САД, Канада и Салвадор.
1991.- Во Лондон умрел рок-ѕвездата Фреди Меркјури (45), кој боледувал од сида. И денес го сметаат за ненадминат вокал на светската рок музика.
1992.- Собранието на Чешка гласало за поделба на Чехословачка на посебни држави Чешка и Словачка од 1 јануари 1993 година.
1993.- Во Лондон умрел Антони Барџис, британски писател на романи и литературен критичар. Најпознат е по романот „Пеколниот портокал“. Роден бил во 1916 година.
1993.- Весникот "Нова Македонија", освен со текст, присутен станала и со фотографии во сите делови на Европа и светот. Со вклучувањето преку сателитска врска во фото-сервисот на ЕПА (Европска фото агенција), "Нова Македонија" визуелно ги покривала сите значајни дневни настани во светот.
1995.- Во Скопје умрел д-р Панчо Давчев, македонски академик, еден од основачите на Клиниката за гастроентерологија во Скопје. Роден бил во Велес, на 15 јуни 1922 година.
1998.- Канцеларот Герхард Шредер претседавал со првата седница на владата на Германија одржана во Берлин по Втората светска војна.
2001.- Странски борци на страната на талибанците кои биле заробени од Северната алијанса се побуниле во некогашната тврдина во близина на градот Мазари-и-Шариф. Буната била задушена во крв после два дена откако со помош на американските бомбардери биле убиени сите бунтовници, најмалку 700.
2003.- Американската приватна компанија ATC (Advaced Cell Technology) од градот Вустер во Масачусетс соопшти дека клонирала човечки ембрион. Оваа компанија била првата на која овој изум го направила заради унапредување на лекувањето на разни болести, а не заради создавање вештачки човечки суштества.
2005.- Умрел британскиот фудбалер Џорџ Бест, поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, репрезентативец на Северна Ирска и еден од најдобрите фудбалери во светот во шеесетите години на 20. век. Тој бил најзаслужен за победата на новиот тим во 1968 година кој станал првиот англиски клуб кој го освоил Купот на европските шампиони.
2005.- Палестинскиот претседател Махмуд Абас го отворил граничниот премин Рафа, од појасот Газа во Египет со што им овозможил на Палестинците првпат од 1967 година да влегуваат во оваа соседна земја и преку неа подалеку во светот, без контрола на израелските сили.
2016.- Починал Фидел Кастро, поранешен претседател на Куба и генерален секретар на Комунистичката партија на Куба. Во 1956 заедно со група истомисленици, меѓу кои и Ернесто Че Гевара и брат му Раул Кастро, се истоварил на брегот на Куба и ја повел борбата против диктаторот Батиста. На почетокот на 1959 година силите на Кастро навлегле во Хавана и диктатурата на Батиста била соборена. На почетокот на своето владеење Кастро не спроведувал радикални општествени реформи. Дури и не бил непријателски расположен кон САД. Но поради притисоците од масите, Кастро почнал да презема мерки кои оделе против интересите на американскиот капитал во Куба, по што САД престанале да купуваат кубански шеќер и вовеле економско ембарго кон Куба. Притисоците од страна на САД го натерале Кастро да се приближи до СССР, што во 1962 година предизвикало тешка криза во односите помеѓу САД и СССР позната како „Кубанска криза“. На 31 јули 2006 Кастро му ги отстапил своите претседателски должности на својот брат, врховниот командант и заменик-претседател, Раул Кастро.
2016.- Актерката Флоренс Хендерсон, икона на легендарната американска телевизиска серија „Семејството Брејди“, почина од срцев удар на 83-годишна возраст. Серијата „Семејството Брејди“ се емитуваше од 1969 до 1974 година на Еј-Би-Си, а во текот на следните 20 години се снимија неколку филмови. Славата ја стекна со улогата на Керол Брејди, со што стана американски симбол за „вистинска мајка“ и една од најголемите телевизиски икони. Флоренс родена во Дејл во Индијана, а со актерство почнала да се занимава на Бродвеј.
2018.- Во 75-тата година од животот почина Мите Грозданов, доајен на македонскиот театар, актер на Драмски театар-Скопје каде што работеше од 1967 до пензионирањето во 2008 година. Роден е во Струмица на 14 декември 1943 година. Во својата 40-годишна професионална актерска кариера одиграл бројни улоги во претстави, меѓу кои во „Партитура за еден Мирон“, „Лисистрата“, „Болен Дојчин“, „Војцек“, „Болва во уво“, „Јане Задрогаз“, „И бол и бес“ , „Цар Едип“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Црнила“, „Сомнително лице“… Добитник е и на голем број награди, како „Млад борец“, Златен ловоров венец на МЕСС, Сребрена колајна на Фестивал на монодрама во Земун, Актер на годината на „Екран“, награди за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на кој во 2010 ја доби и наградата за животно дело.
2020.- На 60-годишна возраст во Тигре, предградие на Буенос Аирес, почина легендарниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона. Тој е најдобриот фудбалер на 20 век со гласање на официјалната веб-страница на ФИФА. Марадона е првиот носител на почесна „Златна топка“ на „Франс Фудбал“. За време на неговата 21-годишна кариера како фудбалер, тој играше во шест екипи, вклучувајќи ги Бока јуниорс (двапати), Барселона и Наполи. За клубовите одигра на 491 натпревар и постигна 210 гола. Учествуваше на четири светски шампионати од 1982 до 1994 година, стана шампион во 1986 година и вицешампион во 1990 година. Одигра 91 натпревар за Аргентина, постигнувајќи 34 гола. Од 1986 година е капитен на националниот тим. Во 1986 година ја освои Златната топка за најдобар фудбалер на Светското првенство. На четвртфиналниот натпревар против Англија постигна два гола, кои влегуваат во историјата на фудбалот. Првиот, постигнат со рака стана познат како „рака на Бога“. Вториот, по спектакуларниот дриблинг што започна од централната линија на теренот, помина крај четворица англиски играчи, се нарекува „Цел на векот“. Во 1991 година тој беше суспендиран на 15 натпревари откако беше осуден за допинг. Во 1994 година, за време на Светското првенство во САД, тој повторно беше позитивен на допинг тест – овој пат ефедрин, што беше крај на неговата кариера за националниот тим. Диего Армандо Марадона е роден на 30 октомври 1960 година во Ланус, близу Буенос Аирес, како петто од осумте деца во семејството на Диего Марадона и Далма Салвадоре Франко.
###