• среда, 27 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
15 ноември  2021 (МИА) 1492.- Христофер Колумбо, откривајќи ја Америка, ја направил и првата белешка за употребата на тутунот меѓу Индијанците. Тоа бил првиот пишан документ за ова растение, кое набрзо потоа го освоило не само стариот континент - Европа, туку и целиот свет, а за кое медицината утврдила дека има штетно влијание врз човековото здравје. 1532.- Шпанскиот конквистадор Писаро, само со 200 војници, со измама, ја освоил Кахемарка и го заробил царот Атахулапа. По ова Перу станала шпанска колонија. 1577.- Сер Франсис Дрејк, англиски гусар, морепловец и адмирал, тргнал на патување околу светот. Неговата активност била од големо значење за англиското колонијално ширење, особено во Северна Америка. Интересно е дека токму Дрејк го пренесол компирот од Америка во Европа, во 1596 година. 1630.- Во Регенбург умрел Јохан Кеплер, германски астроном, математичар и физичар, познат по формулирањето на законите за движење на планетите што претставуваат основа на современата планетарна астрономија. Со своите проучувања ја докажал вредноста на хелиоцентричниот систем. Роден бил на 27 декември 1571 година. 1708.- Роден е англискиот државник Вилијам Пит Постариот, кој бил британски премиер од 1756 до 1761 и од 1766 до 1768 година. Во негово време со агресивна надворешна политика Велика Британија станала најголема светска колонијална сила. Како шеф на дипломатијата и министер за војна спровел политика на колонијална експанзија и во 1756 година ја започнал Седумгодишната војна, по која Франција во 1763 година морала да и ја отстапи Канада, како и да се повлече од Индија. 1738.- Роден е англискиот астроном од германско потекло Фредерик Вилијам Херсел, кој во 1781 година го открил Уран, седмата планета во Сончевиот систем. Најпрво бил музичар, но астрономијата многу го фасцинирала, па така почнал и самиот да бруси огледала, но и да конструира телескопи. По откривањето на Уран, станал член а потоа и претседател на Лондонското кралско друштво. Открил и два Уранови и два Сатурнови сателити. 1862.- Роден е германскиот писател Герхарт Хауптман, добитник на Нобеловата награда за литература во 1912 година. Неговата лирика е со идеалистички тон, а во драмите преовладува социјална проблематика од животот на сиромашните во неговата родна Шелзија. Напишал многу драми, есеи, афоризми, новели, патописни и автобиографски книги. Дела: „Пред зората“, „Зимска балада“, „Црвен петел“, „Електра“, „Превозникот Хенсел“, „Осамени луѓе“, „Колегата Крамптон“, „Роза Бренд“, „Стаорци“ и други. 1891.- Роден е германскиот фелдмаршал Ервин Ромел, наречен „пустинска лисица“ кој како командат на експедициските сили на Германија во Втората светска војна во 1941 и 1942 година забележал повеќе победи над сојузниците во северна Африка. Во декември 1942 година бил поразен во клучната бика кај Ел Аламејн. Не успеал да го спречи сојузничкото навлегување во Нормандија во јуни 1944 година, а по неуспешниот атентат врз Адолф Хилтер во јули 1944 година, во кој бил вмешан, извршил самоубиство. 1916.- Умрел полскиот писател Хенрик Сјенкјевич, добитник на Нобеловата награда за литература во 1905 година, кој светската слава ја стекнал со историските романи. Дела: „Quo vadis“, „Со оган и меч“, „Пан Волдијовски“, „Семејството Поланјецкиеви“, „Низ пустина во прашума“. 1920.- Лигата на народите во Женева ја одржала својата прва седница. Лигата била формирана на 28 април 1919 година, со цел да се обезбеди мир и меѓународна соработка на членките на Лигата, но набрзо, поради спротивставените ставови меѓу големите сили, загубила секакво влијание на светската сцена. 1923.- Галопирачката инфлација во Германија го достигнала врвот - четири трилиони марки биле менувани за еден американски долар. 1928.- Големиот фашистички совет во Италија станал врховно тело во земјата и ја презел целата власт. 1942.- Кај Гвадалканал во Тихиот Океан во Втората светска војна завршила тридневната битка меѓу јапонските и американските флоти и авијација, која го означила пресвртот во војната на Пацификот. Јапонците претрпеле помали штети во бродови, но стратешкиот успех им припаднал на Американците кои покрај бродовите уништиле и речиси комплетна јапонска дивизија. 1944.- Во Скопје, во руинираните простории на некогашната Воена болница кај „Гази Баба“, била сместена Болницата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. 1946.- Со договорот потпишан во Лингџати Холандија ја признала Индонезија, но само на териториите на Јава, Суматра и Мадура. Холандија спротивно на договорот, во 1947 и во 1948 година се обидела со оружје повторно да ја освои Индонезија, но на конференцијата во Хаг во 1949 година дефинитивно ја признала независноста на Индонезија која била нејзина колонија од 1816 година под името Холандска Источна Индија. 1954.- Умрел американскиот филмски и театарски актер Лајонел Баримор, која како дете се прославил глумејќи го Оливер Твист, а кон крајот на животот како тежок инвалид, седејќи во столица, одиграл многу извонредни карактерни улоги. Филмови: „Гранд хотел“, „Островот Ларго“, „Дамата со камелии“, „Распутин и царицата“, ТВ-серијата „Д-р Килдер“. 1971.- Кинеска делегација првпат официјално зазела место во Обединетите нации. До тогаш Кина ја претставувал Тајван, како националистичка (некомунистичка) Кина. 1976.- Во Нумји умрел Жан Габен (Жан Алексис Монкорже), француски филмски и театарски актер. Играл во над 90 филмови, толкувајќи ликови на решителни, претприемчиви, често цинични и груби личности. Најпознати му се улогите во филмовите „Пеле ле Моко“, „Големата илузија, „Брегот во магла“, „Човекот – ѕвер“, „Клошарот Архимед“ и други. Роден бил во Париз, на 17 мај 1904 година. 1976.- Сириската армија ја презела целата контрола врз Бејрут, во обидот да и стави крај на 18-месечната граѓанска војна во Либан. 1983.- „Турската Република Северен Кипар“, која ја признала единствено Анкара, прогласила независност. 1983.- Во Скопје умрел Таки Хрисик, македонски композитор и музички педатог. Неговиот творечки опус опфаќа голем број дела за хорска изведба, камерна музика, соло песни, дела за орекстар и близу 1.500 мелографски записи на македонски и на влашки песни. Роден бил во Крушево, на 27 септември 1920 година. 1990.- Во првиот договор од Втората светска војна кој се однесува на конвеционалното вооружување, Варшавскиот пакт и НАТО принципиелно се договориле драстично да ја сменат количината на оружјето. 1994.- Претседателот на Австрија Томас Клестел при обраќањето пред членовите на израелскиот парламент признал дека неговата земја направила пропуст да ја признае сопствената улога во нацистичките злосторства во минатото. 1994.- Биле објавени официјалните резултати од пописот, кои покажале дека во Република Македонија има 1.936.877 жители. 1995.- Република Македонија станала 27-та членка на мировната иницијатива на НАТО „Партнерство за мир“. 2000.- Во Скопје умрел Тодор Димитровски, македонски научен работник, лингвист, книжевен историчар, лексикограф, книжевен преведувач и редактор. Роден бил во селото Подлес, Велешко, на 19 февруари 1922 година. 2003.- Пред две синагоги во центарот на Истанбул речиси во исто време експлодирале два автомобила полни со експлозив, усмртувајќи вкупно 23 луѓе. Одговорноста ја презел Исламскиот фронт на борци на Големиот Исток, основан во 1985 година со цел да формира исламска држава во Турција. 2005.- Израелски и палестински официјални личности постигнале договор со кој првпат од израелската окупација во 1967 година на Палестинците им била дадена контрола врз граничниот премин Раф, помеѓу појасот Газа и Египет. 2006.- Во Скопје, пред Домот на културата „Кочо Рацин“ било откриено спомен-обележјето „Скршено мајкино крило“ посветено на 54-те загинати старешини и војници во распадот на Југославија, во текот на 1991 и 1992 година. 2007.- Циклонот „Сидр“ однесол најмалку 3.000 животи во Бангладеш. „Сидр“ со брзина од 250 километри на час „срамнил со земја“ стотина илјади куќи  во југозападните делови на земјата, додека неколку милиони луѓе останале без струја, вклучувајќи и одделни делови на Дака, десетмилионската престолнина на Бангладеш. Циклонот предизвикал и бран со висина од пет метри кој ги погодил и крајбрежните подрачја на земјата, со што морало да се евакуираат 2,3 милиони луѓе. 2013.- На 94-годишна возраст починал поранешниот претседател на Република Кипар, Глафкос Клеридис. Тој бил четвртиот претседател на Република Кипар и еден од почитуваните политичари поради неговото раководење со честопати хаотичната политика на средоземноморскиот остров. Клеридис бил избран за шеф на државата во 1993 година и останал на таа функција во следните 10 години. За време на неговото претседателствување Кипар станал членка на ЕУ. 2020.- На 86-годишна возраст почина професор д-р Владимир Андонов, основоположник и доајен на современата анестезиологија, реаниматологија и интензивно лекување во нашата држава и учител на многу генерации на анестезиолози. Професор Андонов во континуитет од 1967 година е раководител на Одделот за анестезиологија и интензивно лекување при Хируршката клиника во Скопје, а од 1990 до 1995 година бил директор и основач на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) при Медицинскиот факултет во Скопје. Од 1993 година до неговото пензионирање е шеф на Катедрата по анестезиологија и реанимација на Медицинскиот факултет во Скопје. Автор е на повеќе од 80 стручни и научни трудови, објавени во земјата и во странство, коавтор на три учебници во земјата и на еден во странство. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и на државната награда „Св. Климент Охридски” во 2003 година. ###

Остани поврзан