На денешен ден
- 322 п.н.е.- Во храмот на боговите Посејдон, на грчкиот остров Калаури, се самоубил, испивајќи отров, најголемиот оратор на стариот век Демостен. Неговите беседи (наречени „филипики“) и судски
14 октомври 2022 (МИА)
- Светски ден за стандардизација.
322 п.н.е.- Во храмот на боговите Посејдон, на грчкиот остров Калаури, се самоубил, испивајќи отров, најголемиот оратор на стариот век Демостен. Неговите беседи (наречени „филипики“) и судските говори, според оценката на Цицерон, претставуваат формула за говорничката вештина. Роден бил околу 380 година пред н.е.
1066.- Инвазиската армија на војводата Вилијам од Нормандија, идниот англиски крал Вилијам I Освојувачот, ги победила саксонските трупи на англискиот крал Харолд, кој загинал. Инвазијата била изведена со благослов од папата, бидејки Саксонците останале православни по формалниот расцеп на христијанската црква во 1054 година на римокатоличка и православна.
1322.- Војската на шкотскиот крал Роберт I силно ги поразила англиските трупи под команда на кралот Едвард II во битката кај Биланд. Ова придонесло англискиот монарх во 1328 година безволно да ја признае независноста на Шкотска.
1806.- Под команда на Наполеон I, француските трупи ја победиле пруската армија и во битката кај Јене ја покориле Прусија.
1808.- Французите ја укинале Дубровничката Република, која била создадена во 15 век. Во 1806 година Дубровник бил окупиран од Франција. Врз основа на одлука на Виенскиот конгрес Дубровник во 1815 година влегол во состав на Австрија. На Кралството на СХС Дубровник му припаднал во 1918 година, а од 1991 година по распаѓањето на СФРЈ Дубровник и припаѓа на Република Хрватска.
1809.- Со Виенскиот мир Австрија била принудена Трст и Илирската провинција (Далмација) да и ги предаде на Франција, Галиција на Полска и на Русија, а областа Ин на Баварија.
1882.- Роден е ирскиот државник Емон де Валера, водач на партијата „Шин фејн“ од 1917 до 1926 година, со два кратки прекина како премиер од 1937 до 1959 година, а потоа во 1973 година бил претседател на Ирска. Во 1923 година бил претседател на Друштвото на народите.
1890.- Роден е Двајт Ајзенхауер, американски генерал и политичар. Во Втората светска војна бил командант на американските воени сили во Европа, потоа командант на сојузничките сили во Средоземјето, раководел со операциите на Сицилија, во јужна Италија и со десантот на Нормандија. По војната бил командант на Северноатлантскиот пакт. Во 1952 и во 1956 година бил избран за претседател на САД. Умрел на 28 март 1969 година.
1912.- Претседателот на САД Теодор Рузвелт во Милвоки го преживеал атентатот. Куршумот го запрел дебелиот капут и неколку парчиња хартија што ги имал во внатрешниот џеб.
1913.- Во најголемата рударска несреќа во Велика Британија, во рудникот за јаглен во Гламорген во Велс загинале 439 рудари.
1919.- Во Деде Агач, е роден Димитар Митрев, македонски литературен критичар и есеист, академик, професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Уште во 1938 година, кога е формиран Македонскиот литературен кружок во Софија, тој членувал во него заедно со Никола Вапцаров, Коле Неделковски, Ѓорги Абаџиев, Антон Попов и со други прогресивни македонски писатели. Умрел во Охрид, на 24 февруари 1976 година.
1927.- Роден е англискиот актер Роџер Мур, кој главно играл во акциони филмови и ТВ серии. Го заменил Шон Конери во серијата филмови за тајниот агент „007“. Филмови: „Ајванхо“, „Живеј и пушти ги другите да умрат“, „Човекот со златен пиштол“, “Шпионот кој ме сакаше“, „Само за твоите очи“.
1933.- Германија ги напуштила Друштвото на народи и Конференцијата за разоружување во Женева.
1939.- Повеќе од 800 морнари загинале на британскиот воен број „Ројал оук“ покрај Северна Шкотска, кого го потопила германска подморница.
1941.- Германските војници во Србија во Втората светска војна направиле еден од најголемите воени злосторства стрелајќи во Краљево повеќе од 6.000 српски цивили, вклучувајќи жени и деца.
1941.- Во селото Крупиште, Штипско, како одмазда за загубената борба, германските фашисти со вперени пушки влегле во куќите и ги собирале мажите од 15 до 60-годишна возраст, а притоа пукале во секој што ќе почнел да бега. Злосторниците влегувале во куќите и ги гореле заедно со добитокот. Притоа стрелале 49 луѓе. Истиот ден германските фашисти извршиле масакр над населението во кочанското село Уларци. Селото било опожарено и биле стрелани 40 луѓе.
1941.- Кај селото Бељаковце, Кумановско, бугарската полиција ја разбила групата (четата) „Карадак“ на Кумановскиот НО партизански одред. Притоа, покрај другите, загинале Боро Менков, командант, Перо Георгиев - Чичко, политички комесар и Бајрам Шабани, борец на таа група - тројцата народни херои на Југославија, од Македонија. Менков бил роден во Куманово, во 1919 година, Георгиев, исто така, во Куманово, во 1918 година, а Шабани во селото Липково, Кумановско, во 1920 година.
1947.- Летајќи со воен авион на млазен погон во фаза на испитување, американскиот воздухопловен капетан Чарлс Јергер станал првиот човек кој го пробил звучниот ѕид.
1959.- Умрел американскиот филмски актер од австралиско потекло Ерол Флин, кој најчесто играл правдољубиви јунаци во авантуристички филмови. Филмови: „Капетанот Блад“, „Авантурите на Робин Худ“, „Гусар“, „Џентрлменто Дим“, „Вирџинија сити“, „Корените на пеколот“.
1963.- Генералното собрание на ООН едногласно усвоило резолуција за давање помош за обнова и изградба на Скопје, по земјотресот што го зафатил македонскиот главен град на 26 јули 1963 година.
1964.- Американецот од африканско потекло Мартин Лутер Кинг, борец за човекови права, инаку црнец, ја добил Нобеловата награда за мир.
1970.- Во тајфунот што ги зафатил Филипини загинале повеќе од 780 луѓе.
1990.- Во Њујорк умрел Ленард Бернштајн, славен американски диригент и композитор. Со светска слава се здобил како диригент на најпознатите оркестри и како композитор на познатиот мјузикл „Приказна за западната страна“. Роден бил на 25 август 1918 година.
1991.- Водачот на бурманската опозиција Аунг Сан Су Чи, која тогаш била речиси две години во домашен притвор под режим на воената хунта, ја добила Нобеловата награда за мир.
1993.- Во Њујорк било потпишано заедничко соопштение за воспоставување дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, на ниво на амбасадори. Потпишувањето било извршено под уставното име - Република Македонија.
1994.- По Ирската републиканска армија и лојалистичките парамилитарни единици, објавиле општ прекин на воените акции, со што биле создадени основните предуслови за почеток на крајот на крвавата северно-ирска драма.
1994.- Премиерот на Израел Ицак Рабин, шефот на израелската дипломатија Шимон Перес и водачот на Палестинската ослободителна организација Јасеф Арафат ја поделиле Нобеловата награда за мир.
1996.- Умрел приоф. д-р Изидор Папо, по потекло босански Евреин, еден од најистакнатите хирурзи на поранешна СФР Југославија, член на САНУ. Бил долгогодишен началник на Хируршката клиника на Воено-медицинската академија во Белград и долгогодишен главен хирург на бившата ЈНА. Посебно треба да се одбележи дека од неговото одделение и лично од него се лекувани многу пациенти од Македонија и дека има големи заслуги за развојот на хирургијата во Македонија. Роден бил во Љубишко, кај Мостар, во 1913 година.
1997.- Умрел американскиот пејач и филмски актер Хари Лилис „Бинг“ Крозби, рекордер по бројот на снимени плочи, како и добитник на Оскар за филмот „Одејќи по својот пат“.
1998.- Египќанецот Нагиб Махфуз станал првиот арапски писател кој добил Нобелова награда за литература.
1998.- Нигерискиот писател Воле Шоинка, добитник на Нобеловата награда за литература, се вратил во земјата по безмалку четири години бегство на кое го принудил диктаторскиот режим на воената хунта на кој жестоко му се спротивставувал.
1999.- Умрел танзанискиот државник Џулиус Њерере, истакнат лидер на движењето на неврзаните, прв претседател на Танганике (денешна Танзанија) од 1962 до 1985 година, кога и поднесол оставка, а тоа е редок пример за една африканска држава. Тој бил еден од основачите на Организацијата на африканското единство во 1963 година.
2000.- Во северниот нигерски град Кано најмалку 200 луѓе биле убиени во дводневните нереди во опожарувањето на повеќе цркви и џамии и продавници.
2018.- Актерката Милена Дравиќ почина во Белград на 79 години, по тешко боледување. Милена Дравиќ, една од најпознатите српски и југословенски актерки, е родена на 5 октомври 1940 година во Белград. Играше во преку сто филмови, а најголемата популарност ја доби во соработка со колегата Љубиша Самарџиќ. Нејзини најпознати улоги се во филмовите „„Утро“, „Козара“, „Битката на Неретва“, „Работа на одредено време“, „Татко на службен пат“, „Секула повторно се жени“, „Не е лесно со мажите“, „Зона Замфирова“... Позната е и по култните серии „Театар во куќа“ и „Луд, збунет, нормален“. Со својот трет сопруг и колега Драган Николиќ од 1972 до 1974 година ја водеше популарната шоу програма „Образ покрај образ“. Милена Дравиќ е добитник на наградата за најдобра споредна женска улога на Канскиот филмски фестивал, на специјалната филмска награда „Златна роза“ на Венецискиот филмски фестивал, како и на најпрестижните српски награди за целокупниот придонес кон југословенската и српската кинематографија.
###