• среда, 27 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
3 февруари 2021 (МИА) 1809.- Во Хамбург е роден Феликс Манделсон, германски композитор, пијанист и диригент. Тој бил истакнат претставник на епохата на романтизмот, но во неговото дело сепак е нагласено чувството за класична форма. Има голема заслуга за запознавањето и оживувањето на делото на Јохан Себастијан Бах. Со успех творел во сите подрачја на музичкото творештво, освен во операта. Меѓу неговите најдобри музички дела се – „Виолински концерт во Е-мол“ и увертирата на „Сонот на летната ноќ“. Умрел во Лајпциг, на 4 ноември 1847 година. 1867.- Принцот Муцухито на 14-годишна возраст станал јапонски цар  Меиѓи. Во текот на неговото владеење, до смртта во 1912 година, Јапонија постепено се модернизирала по примерот на Запад и САД. Периодот на неговото владеење претставува темел на модерна Јапонија. 1909.- Роден е францускиот филмски режисер Андре Жан Кајат. Жан Кајат иако се бавел со адвокатура, новинарство и пишување сценарија, славата ја стекнал како режисер. Филмови: „Сите ние сме убијци“, „Огледало со две лица“, „Љубовниците од Верона“, „Правдата е задоволена“, „Премин преку Рајна“. 1917.- Во Првата светска војна САД ги прекинале дипломатските односи со Германија, откако Берлин соопштил дека ќе започне војна со подморници. 1919.- Во Париз била одржана првата седница на Друштвото на народите, девет дена по основањето на првата светска организација. 1921.- Во Скопје бил формиран фудбалскиот клуб „Балкан“. 1924.- Умрел Вудро Вилсон, дваесет и осмиот претседател на САД. Бил претседател од 1913 до 1921 година. Роден бил на 28 декември 1856 година. 1936.-  Во селото Стапар, Војводина, е роден е Александар Џамбазов, македонски диригент и композитор. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Има реализирано стотици снимки и концерти во живо. Настапувал со свои композиции на фестивали во земјава и во странство. Добитник е на голем број стручни и државни награди. Негов син е познатиот актер и шоумен, Игор Џамбазов. 1966.- На Месечината се спуштило првото летало лансирано од Земјата, советскиот вселенски брод без екипаж „Луна IX“, по што почна да емитува сигнали. 1968.- Роден е Владе Дивац, легендарен кошаркарски репрезентативец на СФРЈ, СР Југославија и Србија и Црна Гора. Тој беше играч на Лејкерс, каде што ја почна НБА кариерата, а потоа настапуваше и за Шарлот Хорнетс и Сакраменто Кингс. 1977.- Претседателот на Етиопија генералот Тефери Бенти и неговите блиски соработници во Адис Абеба биле убиени од лојалните сили на потполковникот Менгис Хаил Маријам, кој диктаторски владеел до мај 1991 година, кога бил тргнат од власта и пребегал во Зимбабве. 1977.- Во несреќен случај загинал генералот Васко Карангелески, народен херој на Македонија. Роден бил во селото Брусник, Битолско, на 7 јули 1921 година. 1987.- Во Скопје умрел академик проф. д-р Владимир Мошин, еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонската средновековна уметност и култура. Роден бил во Петроград, на 9 октомври 1894 година. 1989.- Умрел американскиот филмски режисер и актер Џон Касаветис, водечки претставник на „њујоршката школа“, независна продукција која со критички интонирани филмови се спротивставила на холивудските стандарди. Филмови: „Злосторство на улиците“, „Убијци“, „Дванаесетте жигосани“, „Зошто ме осудивте на живот“, „Сенки“, „Премногу доцни блузот“, „Лица“, „Мажи“, „Жена под влијание“, „Глорија“. 1992.- Во Скопје умрел Васил Ќортошев, македонски оперски пејач и режисер. Роден бил во 1920 година. 1992.- Претседателот на Аргентина Карлос Менем потпиша декрет за отворање на сите документи за нацистите кои по завршувањето на Втората светска војна пребегнале во Јужна Америка. 1997.- Чешкиот писател Бохумил Храбал извршил самоубиство скокајќи од петти кат на болницата во Прага во која се лечел од артритис. Врз основа на неговата новела „Строго контролирани возови“ Јиржи Менцл го сними истоимениот филм за кој во 1968 година доби Оскар. Останати дела: збирки раскази „Бисер на дното“, „Часови за игра на стари и искусни“, „Оглас за куќа во која не сакам повеќе да живеам“. 2000.- Во Скопје умрел Лазо Каровски, македонски писател и книжевен историчар. Од неговото обемно книжевно дело ќе ја споменеме неговата прва книга поезија за деца „Овчарче“, објавена во 1946 година, и последната, романот за деца „Нека летаат гулабите“, објавена во 1986 година. Роден бил во Кавадарци, на 17 февруари 1927 година. 2002.- Во Скопје, во сообраќајна несреќа, загинала Петранка Костадинова, позната македонска пејачка на народни песни. Незаборавни остануваат нејзините интерпретации на песните „Не кажувај либе добра ноќ“, „Во Струмица на улица“, „Мајка“, „Мајсторе, мајсторе“, „Земи си златни ѓердани“ и многу други. Родена била во Сомбор, во 1948 година. 2015.- На 53-годишна возраст почина писателот Драган Илиевски. Својот работен век го помина во Градската библиотека „Тане Георгиевски“. Член на ДПМ беше од 1998 година. Драган Илиевски зад себе остави раскажувачки опус во кој за одбележување се збирките раскази „Потковица и апокалипса“, „Креда“ и „Двојна вратоврска“. Драган Илиевски бил роден во Куманово во 1961 година. 2017.- На 85 години во Загреб починал познатиот хрватски и европски писател Предраг Матвејевиќ, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав од 2009 година. На македонски јазик досега му се објавени четири книги: „За една поетика на настанот“, 1983, „Источниот епистолар“, 1996, „Медитеранскиот бревијар“ и „Лебот наш“, 2014. Проф. д-­р Предраг Матвејевиќ бил роден во 1932 година во Мостар. 2019.- На 56-годишна возраст почина Мати Никенен, легендарниот фински четирикратен олимписки и петкратен светски шампион во ски-скокови. Еден од најпрочуените во тој спорт досега, ќе остане запомнет најмногу по Зимските олимпски игри во Сараево 1984 година, каде освои злато и сребро во вкупно пет категории, и по турнејата „Четири скокалници” во 1988 година. Вкупно има 46 победи, а 76 пати се најде на подиумот за медалите. ###

Остани поврзан