• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
18 ноември 2021 (МИА) 9.- Роден е римскиот цар Тит Флавиј Веспазијан, основач на новата династија Флавиевци. Во текот на владеењето од 69 до смртта во 79 година ги победил и раселил Евреите, а во Рим подигнал величенствени градби како што се Колосеум, Капитол и Амфитеатарот. 1095.- На црковен собир во Клермон папата Урбан II ги повикал црковните великодостојници и световните владетели на воен поход против „неверниците“, со цел да се ослободи светата земја (Палестина) и Ерусалим. Тоа бил почетокот на Крстоносните војни. 1626.- Папата Урбан III ја осветил црквата „Свети Петар“ во Рим. 1697.- Роден е англискиот сликар Вилијам Хогарт, исклучителен портретист и цртач на физиономии. Сликал сцени со сатиричен и морален карактер од животот на аристократијата. Оставил релативно мал број дела, но, поради нивната вредност, тој се вбројува меѓу најзначајните англиски сликари. 1786.- Роден е Карл Марија фон Вебер, германски композитор и диригент, творец на германската романтичарска опера. Познати се неговите опери „Евријанте“, „Волшебниот стрелец“ и „Оберон“. Умрел во Лондон, на 5 јуни 1826 година. 1860.- Роден е полскиот државник, пијанист и композитор, Игнац Јан Падеревски, професор на Kонзерваториумот во Варшава. Јан Падеревски од 1919 до 1921 година бил премиер и шеф на дипломатијата, а во 1940 година претседател на Полска. Дела: опера „Мандра“, „Полска фантазија“ за клавир и оркестар, една симфонија, клавирски дела, соло песни. 1833.- Во САД било прифатено стандардното сметање на времето и земјата била поделена на четири временски зони. 1874.- Во селото Постол, Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков, истакнат македонски филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, револуционер и борец за македонската национална афирмација. Во 1903 година ја издал книгата „За македонцките работи“, која претставува одраз и израз на неговата борба за самобитноста на македонскиот народ. Во 1905 година, во Одеса го издавал на македонски јазик, весникот „Вардар. Умрел во Софија, во Бугарија, на 26 јули 1926 година. 1903.- Соединетите Американски Држави потпишале договор со Панама, со што се здобиле со неограничено право за користење на Панамскиот Канал. 1905.- Принцот Чарлс од Данска бил избран за прв крал на Норвешка по обновувањето на независноста со одвојувањето од Шведска и го зел името Хакон II. 1910.- Во Мексико избила револуција во која во текот на наредните 10 години загинале најмалку еден милион луѓе. 1918.- Белгиската армија влегла во Брисел по четиригодишната окупација од страна на Германија, во Првата светска војна. 1919.- Во Скопје бил роден Бане Ковач, еден од основоположниците на македонското новинарство и еден од првите стенографи во Македонија. Умрел во Скопје, на 15 април 1983 година. 1922.- Во Париз умрел Марсел Пруст, француски писател и академик. Со своето дело оставил длабока трага не само во Франција туку и во европската литература. Автор е на големиот циклус романи „Во потрага на изгубеното време“, на кој работел цели 15 години. 1936.- Германија и Италија ја признале владата на генералот Франциско Франко како легитимна влада на Шпанија. 1944.- Во штотуку ослободената Битола, во присуство на околу 2.000 борци на Леринско-костурската бригада, од Воденскиот македонски партизански баталјон и од бригадата „Гоце Делчев“, била формирана Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, која влегла во составот на НОВ и ПО на Македонија. 1945.- На првите избори во Бугарија по Втората светска војна, кои опозицијата ги бојкотирала, победил Отечествениот фронт, предводен од комунистите. 1962.- Во Копенхаген починал Нилс Бор, дански теоретски физичар, основач на теоријата за структурата на атомот. Познат е по своите трудови од областа на квантната теорија. Учествувал во научните истражувања што довеле до производство на атомска бомба. Добитник бил на Нобеловата награда за физика во 1922 година. Роден бил во Копенхаген на 7 октомври 1885 година. 1970.- Западна Германија и Полска воспоставиле дипломатски односи со што го прекинале непријателството долго 31 година. 1978.- Во Џонстаун, во Гвајана, со испивање отров било извршено колективно самоубиство на 914 Американци, припадници на сектата „Храм на народите“, вклучувајќи го и водачот на сектата Џим Џонсон. Членовите на сектата кои одбиле да го испијат отровот биле убиени. 1986.- Во Скопје умре Љупчо Арсов, народен херој на Југославија, од Македонија, член на АСНОМ, потпретсeдател на првата влада на ФД Македонија. Роден бил во Штип, на 19 мај 1910 година. 1991.- Собранието на Република Македонија го усвоило новиот Устав. Од 120 пратеници за Уставот гласаa 92. 1993.- Лидерите на Јужна Африка го усвоиле Уставот со кој бил ставен крај на политката на апартхејдот во земјата. 1993.- Во Белград умрел проф. д-р Светозар Бркиќ, редовен професор во пензија на Филолошкиот факултет во Скопје, познат англист. Објавил поголем број есеи од областа на англиската и светската литература, меѓу кои и книгата „Македонски теми и дилеми“. Роден бил во Обровац, на Зрмања, во 1916 година. 2004.- Во Англија по 700-годишната традиција бил забранет ловот на лисици. 2006.- Најмалку 120 лица го загубиле животот, а околу десетина се воделе како исчезнати во поплавата која го зафатила западен Авганистан. Најмногу била погодена провицијата Бадгис. 2007.- Во експлозија на метан во рудникот „Засјадко“, на длабочина од околу 1.000 метри, во Донецката област на исток на Украина загинале 100 рудари. Во моментот на несреќата во рудникот се наоѓале 457 луѓе. 2008.- Во Скопје починал Бранко Гапо, еден од најпознатите, најплодните и најнаградуваните македонски филмски режисери. Со над 40 документарни и 7 играни филмови, како и со работата на драмски, телевизиски и радио-претстави, во период од над 40 години, тој бил меѓу основоположниците на македонската кинематографија. Најпознати филмови: Денови на искушение“, филмска адаптација на драмското дело „Црнила“ од Коле Чашуле, „Време без војна“, „Истрел“,  „Најдолгиот пат“, „Време, води“,  „Македонска сага“. За своите филмови бил носител на врвни македонски и меѓународни награди, меѓу кои и Сребрен медал на Меѓународниот филмски фестивал во Авелино за филмот „Време, води“, како Голема сребрена Арена на Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула, за филмот  „Најдолгиот пат“. Носител бил и на државната награда „11 Окромври“ за животно дело. Роден бил во Тетово, на 5 ноември 1931 година. 2017.- Во 64. година од животот, по тригодишна борба со деменција умре легендарниот гитарист и основач на групата AC/DC Малколм Јанг. Тој со својот брат Ангус го основа AC/DC во ноември 1973 година. Потоа, од 1976 година, почнува периодот на интензивна работа на албуми и меѓународни турнеи. 2019.- На 81-годишна возраст почина Тери О’Нил, британски фотограф познат по неговите познати фотографии на славни личности во 60-тите и 70-тите години и неговиот брак со Феј Данавеј. О`Нил беше познат по неконвенционалните фотосесии. Неговата кариера започна како фотограф за авиокомпанија во Лондон. Во 1959 година, по фотографијата на министер за внатрешни работи како дремнува на аеродром, се вработи како  фотограф на персоналот со „Дејли Скич“. Некои од неговите најпознати фотографии вклучуваат личности и бендови како „Битлси“, „Ролинг Стоунс“, Џуди Гарланд, Брижит Бардо, Шон Конери, Дејвид Боуви, Елтон Џон… Тој, исто така, се фотографирал со кралското семејство на Велика Британија и важни политичари. Една од најпознатите серии беше на филмската дива Феј Данавеј, неговата тогашна девојка, фатена како лежи покрај базенот во хотелот „Беверли Хилс“ утрото, откако освои Оскар за најдобра актерка во филмот „Мрежа“. Двојката имаше долга врска и беа во брак од 1983-1987. Тери беше прогласен за почесен член  на Кралското фотографско друштво во 2004 година и го доби стогодишниот медал на општеството во 2011 година. Тој беше назначен за ЦБЕ. 2020.- На 61-годишна возраст почина Мите Костов Папули, претседател на првата Влашка политичка партија. Дипломираше и магистрираше на Економскиот факултет во Скопје. Беше долгогодишен активист и борец за влашкото прашање, со својот ангажман даде огромен придонес за промовирање и афирмирање на влашкиот јазик и култура, долгогодишен претседател на Лигата на Власите, иницијатор за формирање на Влашката редакција при МРТ, Меѓународниот совет на Власите, иницијатор за формирање на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, за изучување на влашкиот јазик во основните училишта и на Филолошкиот факултет во Скопје, а добитник е и на многубројни домашни и меѓународни признанија и плакети во врска со неговиот ангажман околу влашкото прашање, но и во областа на економијата. Мите Костов Папули е роден на 16 април 1959 година во с. Аџибегово, Светиниколско. ###

Остани поврзан