• понеделник, 23 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
10 ноември 2021 (МИА) - Светски младински ден - Светски ден на науката 1444.- Во битката кај Варна, Бугарија, силите на турскиот султан Мурат II ја победија полско-унгарската војска на полскиот крал Владислав Јаѓел III, кој загина во битката. 1483.- Роден е Мартин Лутер, свештеник и професор по теологија, основач на протестантизмот и водач на реформацијата во Германија. По барањето за реформа на црквата во 1517 година, тој е екскомунициран од црквата, неговото движење се прошири низ Германија и прерасна во широко народно движење против папската власт и против феудалното уредување. Кога реформацијата доведе до селанската војна против феудализмот во 1525 година, тој беше на страна на феудалците. Умре на 18 февруари 1546 година. 1493.- Роден е швајцарскиот алхемичар и лекар Теофраст Бомбаст фон Хоенхајм, познат како Филип Ауреол Парацелзус, автор на медицински дела, кој многу придонесол за примената на хемијата во медицината. Фон Хоенхајм ја основал „јатрохемијата“, нешто како денешната хемотерапија. Прв почнал да користи сулфур како лек, арсеник, опиум, живини соли, олово, железо и бакар и да применува лековити капења со соли. 1668.- Роден е францускиот композитор и оргулист Франсоа Купрен, централна личност во музичкиот живот на Париз во почетокот на 18. век. 1759.- Роден е Фридрих Шилер, еден од најпознатите германски поети и драмски писатели. Автор е на драмите „Интрига и љубов“, „Разбојници“, „Дон Карлос“, „Вилием Тел“, „Јованка Орлеанка“ и на други дела. Умрел во Вајмар, на 9 мај 1805 година. 1796.- Умрела руската царица Катарина II Алексеевна, наречена Катарина Велика. Владеела цврсто од 1762 година. Во духот на просветниот апсолутизам и под влијание на француски филозофи и идејата за просвета, отворила школи. Ја помагала науката и уметноста, ја модернизирала администрацијата и судството, ги средила финансиите, ја укинала тортурата, смртната казна ја заменила со прогонство во Сибир. Успешно војувала против Полска и Турција и кон Русија ги припоила Казахстан, Грузија, Ерменија, Камчатка, дел од Бесарабија (Молдавија) и голем дел од Украина, Белорусија и Полска. 1894.- Француските колонијални трупи го започнале освојувањето на Мадагаскар. Овој остров источно од Африка, во Индискиот Океан, станал француска колонија во 1896 година. По Втората светска војна избувнало народно востание против колонијалните власти, а барањето за независност било повторено во 1957 година. Мадагаскар станал независна држава од 26 јуни 1960 година. 1919.- Роден е рускиот инженер Михаил Тимофејевич Калашњиков, конструктор на најдобрата автоматска пушка на 20. век АК-47, наречена според неговото презиме „калашњиков“.   1925.- Во Пантрихидифен, во Јужен Велс, е роден Ричард Волтер Џинкинс Бартон, прочуен британски театарски и филмски актер, великан на седмата уметност. Умрел во Женева, на 4 август 1984 година. 1928.- Роден е Енио Мориконе, италијански композитор, добитник на престижната филмска награда Оскар. Напишал повеќе од 500 композиции во целокупната своја кариера, од кои 30 напишал за вестерн филмови. Неговиот карактеристичен и мошне имитиран стил на компонирање за овој жанр на филмови може да се долови преку музиката за филмот „Добриот, лошиот и грдиот“ на режисерот Серџо Леоне со кого Енио Мориконе имал долга и плодна соработка. Музичкото творештво на Мориконе вбројува исто така и голем број композиции кои не се направени за филмови кои можат да се класифицираат во жанрот на современата музика: театарски опери, симфониски дела како и дела за оркестар и солисти, хорски композиции, камерна музика итн. Енио Мориконе е академик и член на Националната Академија на Санта Чечилија како и долгогодишен член на престижното здружение Нова Хармонија која во Италија игра важна улога во ширењето и продукцијата на современата музика. Мориконе продал повеќе од 40 милони дискови. 1931.- Во Скопје е роден Тома Прошев, македонски композитор, еден од најплодните музички творци. Познати се неговите опери „Пајажина“, „Малиот принц“ и „Аретеј“, како и многу други дела. Умрел во Загреб, на 12 септември 1996 година. 1938.- Во Истанбул умрел Мустафа Кемал-паша, наречен Ататурк - татко на Турците, турски револуционер, маршал и државник. Извршил значајни реформи во земјата, прокламирајќи еднаквост на сите граѓани, ги забранил фесот, зарот и фереџето, ја вовел латиницата наместо арапското писмо и друго. Роден бил во Солун, во 1880 година. 1943.- Германските власти во Втората светска војна, заради полесно управување со окупираната територија, воспоставиле квислиншка „народна управа“ во Црна Гора. 1944.- Откриено било дека нацистичка Германија во Втората светска војна против Велика Британија употребувала ново оружје  - ракетите „Fau-2“. 1944.- Во Прилеп било основано Здружение на ликовните уметници. За претседател на здружението бил избран Никола Мартиновски. 1964.- Во поплавите во централниот дел на Јужен Виетнам загинале околу 10.000 лица. 1973.- Државниот секретар на САД Хенри Кисинџер допатувал во Пекинг за да им пренесе на кинеските лидери дека САД одлучиле да ги нормализираат односите со Кина. 1975.- Владите на Југославија и на Италија го потпишале Осмиот договор за дефинитивно решавање на граничните и другите прашања меѓу овие две земји. 1975.- Прогласена била независноста на Ангола, држава во југозападниот дел на Африка, на брегот на Атлантскиот Океан. Била португалска колонија пет века. 1982.- Умрел рускиот државник Леонид Иљич Брежњев, генерален секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија и претседател на Президиумот на Врховниот совет на Советскиот Сојуз, кој на власт дошол во 1964 година на местото на Никита Хручов каде останал се до смртта. Придонесол во воспоставувањето дијалог со САД по долгиот период на студени односи меѓу двете земји. 1989.- Генералниот секретар на Комунистичката партија на Бугарија Тодор Живков по 35 години на чело на владејачката партија поднесол оставка, а го заменил Петар Младенов. По седум дена откако ја поднесол оставката, бил сменет и од функцијата претседател на Државниот совет на Бугарија, кого, исто така, го наследил Младенов, а набрзо потоа бил исклучен и од партијата. 1994.- Парламентот и владејачкиот Совет на револуционерната команда на Ирак, со кој претседавал Садам Хусеин го признал суверенитетот и територијалниот интегритет на Кувајт во согласност со резолуцијата 833 на ООН. 1994.- Во Брисел била отворена светската изложба на пронајдоци, истражување и индустриски иновации „Еурека 94“, на која Македонија за првпат била самостојно претставена. На изложбата учествувале 32 земји со околу 1.200 пронајдоци. Македонија била претставена преку законот за заштита на индустриската сопственост. 1995.- Нигерискиот воен режим обесил деветмина активисти за човекови права, вклучувајќи го и Кен Саро Вив, водач на племето Огони. Тоа предизвикало незадоволство посебно во некои африкански земји, но Запад се задоволил главно со вербалните осуди - поради интересот на компаниите кои во Нигерија ги експлоатирале нафтата и гасот. 1997.- Претседателите на Русија и Кина, Борис Елцин и Џанг Цермин ја потпишале декларацијата со која завршил долгогодишниот пограничен спор меѓу двете држави. 2003.- Умрел Кенан Банана, прв претседател на независно Зимбабве. Бил претседател од 1980 до 1987 година, кога функцијата му ја препуштил на премиерот Роберт Мугабе кој и дотогаш раководел со земјата. 2007.- Умре Норман Мајлер, американски книжевник. Автор е на бестселерот „Голи и мртви“, роман со кој ја стекнал меѓународната слава. Двапати бил добитник на Пулицеровата награда. 2015.- На 96-годишна возраст умрел првиот човек на Владата на Западна Германија од 1974 до 1982 година Хелмут Шмит. Шмит, кој имал имиџ на страстен пушач, бил постојано присутен во јавноста со коментари за актуелните политички случувања во земјата, а во историјата ќе остане запаметен по своите помирувачки пораки меѓу Советскиот сојуз и Источна Германија, од една страна и Западна Германија, како членка на НАТО и ЕУ. Пред да стане канцелар тој две години бил министер за финансии, а негов најголем предизвик во кариерата било справувањето со ултра левичарската организација „Фракција на Црвента армија“, која извршила серија убиства и киднапирања. По повод неговиот 95-ти роденден, во декември 2013 година, во анкета на списанието „Штерн“ бил оценет како најзначаен германски канцелар во периодот по Втората светска војна, добивајќи 25 проценти од гласовите, пред Конрад Аденауер (23 проценти), Вили Брант (18 проценти) и Хелмут Кол (17 проценти). Хелмут Шмит и тогашниот француски претседател Валери Жискар д'Естен го заживеале француско-германското пријателство и проектот за европска интеграција. Германската канцеларка Ангела Меркел го нарекла Хелмут Шмит „политичка институција“ на Германија, истакнувајќи ја неговата „лична смиреност и неговиот природен авторитет“, а францускиот претседател Франсоа Оланд го оценил како „голем Европеец“. 2016.- Принцот Чарлс отвори нова британска военоморска база во Бахреин. Базата е прва откако земјата прогласи независност од Велика Британија во 1971 година. 2016.- Во Битола умре Љубомир Груевски, поет и театарски критичар. Роден е 1949 година во Гевгелија, а се школувал во Битола и во Штип. Студирал на Филолошкиот факултет во Белград и Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1971 година. Работел како уредник во издавачки куќи, а бил и директор на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис и на Народниот театар во Битола. Ги основал издавачките куќи „Мисирков“ и „Артерос“. Од 2006 година е вклучен во меѓународната поетска манифестација „Хераклејски поетски свечености“. Застапен е во енциклопедија „Британика“ на македонски јазик. Објавени дела му се „Гемии“ (поезија, 1980), „Огнена земја“ (поезија, 1983), „Опсаден град“ (поезија, 1991), „Островот и другите легенди“ (поезија, 1999), „Magna Charta“ (поезија, 2003), „Театар, филм, стих“ (критики и есеи, 2005), „Слики и сенки“ (поезија, 2008), „Музеј под Пелистер“ (поезија, 2011). Неговата поезија е преведувана на англиски, руски, бугарски, украински, српски, хрватски, словенечки, полски и други словенски и светски јазици. Добитник е на меѓународни поетски награди како што се прва награда на „Ратковиќеви вечери на поезијата“ во Црна Гора и втора награда на „Мелнички вечери на поезијата“ во Бугарија. Во 2006 година ја добива наградата „4 ноември“ од Градот Битола, а добитник е и на првата и на втората награда на „Празник на липите“, како и на втората награда на „Гоцеви денови“ (1998). На изборот на „Битолски весник“ за 2009 година е прогласен за најуспешен битолчанец во областа на литературата. Покрај своите авторски книги, Груевски е потписник на преводот на делата „Симболизмот“ на Андреј Бели (1997, руски), приредувач на антологијата „Љубовни пеења“ (поезија, 1996) и „Книга на мудроста“ (флорилегиум на сентенци, 2002). 2017.- Во Охрид, во 83-та година од животот почина Есад Бајрам, писател од турска националност во Македонија. Беше писател и општествено-политички работник. Член на ДПМ беше од 1987 година. Како поет,  раскажувач и писател за деца, Есад Бајрам зад себе остави низа книги објавени на турски и преведени на македонски јазик. Меѓу неговите дела се стихозбирките: „Плетенки“, „Дневни прошетки“, „Палата на душата“ и „Диван“, збирката раскази „Пеливани во кујната“ и книгите за деца „Буквар в срце“ и „Ѕвездени бакнежи“.Есад Бајрам е роден во Охрид, во 1934 година. ###  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан