• четврток, 19 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
22 ноември 2022 (МИА) 1497.- Португалецот Васко де Гама станал првиот морепловец кој испловил до `Ртот Добра Надеж на крајниот југ од Африка, барајќи морски пат до Индија. 1699.- Данска, Русија, Прусија и Полска по победата над шведската војска потпишале договор за поделба на тогашниот шведски имот. 1819.- Родена е Мари ан Еванс, позната под псевдонимот Џорџ Елиот, англиска писателка. Автор е на многу познати романи за англиското село, меѓу кои се и "Воденицата на Флоси", "Сајлас Марнер", "Адамс Бид", "Ромола" и други. Умрела на 22 декември 1880 година. 1830.- Белгиското собрание (конгрес) ја изгласало одлуката за воспоставување монархија. 1869.- Во Париз е роден Андре Жид, француски романописец, есеист и критичар. Познат е како највлијателна и најконтроверзна личност на француската литература во 20 век. Меѓу неговите познати дела спаѓаат "Ковачи на лажни пари", "Визбите на Ватикан", "Пасторална симфонија", "Пат за Конго" и други. Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1947 година. Умрел во Париз, на 19 декември 1951 година. 1890.- Во Лил е роден Шарл де Гол, француски генерал и државник, претседател на Петтата француска република од 1959 година, голем светски политичар и борец против фашизмот. Како претседател го признал правото на алжирскиот народ на самоопределување и овозможил со спогодбата во Евијан (во 1962 г.), да заврши седумгодишната војна. Истовремено со стабилизацијата на економската политика во земјата ја повел Франција по патот на самостојана надворешна политика и ги повлекол француските сили од Атлантскиот пакт. Умрел во местото Коломбеј, на 9 ноември 1970 година. 1906.- Со меѓународна конвенција донесена во Берлин, знакот С.О.С. бил усвоен како меѓународен знак за бродовите во опасност. 1913.- Роден е англискиот композитор Едвард Бенџамин Бритн. Беше брилјантен техничар, создаваќи дела под влијание на различни музички традиции. Дела: оперите „Питер Грајмс“ и „Алберт Херинг“, композициите за оркестар „Едноставна симфонија“, „Пролетна симфонија“, „Варијации на тема Бранк Брид“, циклуси соло- песни. 1916.- Умре американскиот книжевник Џек Лондон, еден од најчитаните автори во првата половина на 20. век. Неговите дела имаат истовремено и авантуристичка и социјална нота. Работел како разнесувач на весници, копач на злато, воен дописник за време на Руско-јапинската војна. Тешкиот живот, напорната работа, сиромаштијата, но и наклонетоста кон алкохолот кај него предизвикале нервно растројство и самоубиство на 40 години. Напишал околу 50 раскази и романи. Дела: „Повикот на дивината“, „Железната пета“, „Мартин Идн“, „Злато“, „Кралот на алкохолот“ и други. 1941.- Со отворањето на таканаречениот „пат на животот“ преку замрзнатото Ладешко Езеро, опколениот Ленинград ја добил единствената врска со татковината. 1943.- Либан се стекнал со независност. До Првата светска војна Либан бил составен дел на Турција. 1963.- Во Далас, во државата Тексас, во САД, бил извршен атентат врз претседателот на САД Џон Фицџералд Кенеди. Во Втората светска војна служел во морнарицата на Пацификот, а во 1952 година станал сенатор. За претседател на САД бил избран во 1960 година, а инаугуриран на 20 јануари 1961 година во Вашингтон. Бил најмлад 35-ти претседател во историјата на САД. Роден бил во Бостон, на 29 мај 1917 година. 1963.- Умрел англискиот писател Олдос Хаксли. Дела: „Јалови лисја“, „После многу лета“, „Времето мора да застане“, „Малиот Мексиканец“, „Две, или три грации“, „Музика во ноќта“, „Вечна филозофија“, „Наука, слобода и мир“. 1967.- Советот за безбедност на ОН усвоил резолуција со која биле поставени рамките за мировното решение на блискоисточната криза. 1972.- Претседателот на САД Ричард Никсон ја укинал 22 години старата забрана за патување на американските бродови и авиони во Кина. 1974.- Генералното собрание на Обединетите нации изгласало статус набљудувач на Палестинската ослободителна организација. 1975.-  На чело на Шпанија дошол кралот Хуан Карлос I, два дена по смртта на Франциско Франко. Хуан Карлос станал прв шпански монарх по Алфонсо XIII, кој во 1931 година избегал од државата. За време на Франко Шпанија официјално била монархија. 1980.- Умрела американската филмска актерка Ме Вест, која се покажала како исклучителен комичар, но повеќето филмски критичари ја сметаа за вулгарен секс-симбол. Поради улога во претставата „Секс“ во 1926 година во еден бродвејски театар, била осудена на осум дена затвор. Филмови: „Секс“, „Дијамантската Лили“, „Не сум анѓел“, „Секој ден е празник“, „Оди на запад, млад човеку“. 1989.- Претседателот на Либан Рене Муавад бил убиен во бомбашки напад, во кој загинале уште 16 луѓе. 1990.- Првата жена премиер во историјата на Велика Британија Маргарет Тачар после 11,5 години премиерска функција поднесла оставка. 1991.- Египетскиот политичар, Бутрос Бутрос Гали, бил избран за генерален секретар на Обединетите нации, а со тоа станал и прв Африканец и Арап избран на високата должност. 1994.- Во Скопје било формирано Друштвото за македонско-украинско пријателство и соработка. 1998.- Водечкиот ирански опозиционер Даријус Форухар, отворен критичар на исламската власт, и неговата сопруга, пронајдени биле избодени до смрт во својот стан во Техеран. 2000.- Умрел чешкиот спортист Емил Затопек, единствен атлетичар кој освоил три златни медали во трки на долги патеки на едни Олимписки игри. Првото олимписко злато го освоил во Лондон во 1948 година, а три златни медали во Хелсинки во 1952 година, на трките на пет и 10 илјади метри и во маратон. 2005.- Претседателот на Демохристијанската партија (CDU) Ангела Меркел била избрана за канцелар на Германија. Таа е првата жена канцелар во историјата на Германија. 2007.- Умрел Морис Бежар, значаен француски кореограф. Во 1961 година во Белгија ја креирал кореографијата за „Болеро“ на Морис Равел, која станала една од најпрочуените балетски креации на 20. век. Автор бил на повеќе од 250 балетски претстави. Бежар дал значителен придонес за развој на современиот балет и бил еден од симболите на современата кореографија. Меѓу неговите најпрочуени кореографии се и „Будење на пролетта“, „Ромео и Јулија“, „Нижински, „Петрушка“. 2017.- На 67-годишна возраст почина американскиот пејач и глумец Дејвид Касиди  кој се прослави со телевизиската серија од 70-те години на минатиот век „Семејството Партриџ“. 2020.- На 77-годишна возраст во Загреб почина познатиот актер Мустафа Надаревиќ. Поголемиот дел од животот го помина во Загреб. Театарската кариера ја започна во Младинскиот театар во Загреб, а во 1969 година стана член на Драмата на Хрватскиот народен театар во Загреб. Првите големи улоги ги играше во домашните претстави – Богдан во „Хваркиња“, Помет во „Дундо Марое“, Милетич во „Оставка“ и Леоне во „Господа Глембаеви“. Во „Татко на службен пат“ на Емир Кустурица во 1985 година, тој се истакна со улогата на Зијах, потоа следуваше „Веќе видено“ од Горан Марковиќ во 1987 година, „Глембаеви“ на Антун Врдоjак во 1988 и „Кудуз“, „Глув барут “, „Одмор во Сараево “, „Ничија земја“, „Гори оган“, „Нафака“ и многу други. Тој ја воодушеви публиката пред малите екрани со улогата на Изет Фазлиновиќ во серијата „Луд, збунет, нормален“, која се снимаше од 2007 до 2016 година. Роден е во Бања Лука во 1943 година. ###

Остани поврзан