• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
8 август 2021 (МИА) 117.- Умре Марко Улпиј Трајан, римски император, со потекло од Шпанија. За време на неговото владеење (98 до 117 година), Римската империја имала најголема територија со околу 70 милиони жители. 1786.- Францускиот алпинист Мишел Габриел Пакар и неговиот носач Жак Балма први го освоиле Мон Блан, највисокиот врв во западниот дел на Европа. 1815.- Бившиот француски цар Наполеон Бонапарта, со одлука на победничката коалиција, бил упатен на британскиот остров Света Елена, каде што во прогонство го поминал остатокот од животот. Умрел на 5 мај 1821 година. 1908.- Во Солун излегол првиот број на весникот „Конституциона зарја“, орган на МОРО, односно гласило на санданистите. Негови редактори биле Димо Хаџи Димов и Димитар Мирасчиев. Весникот бил најзначајна трибина за македонските револуционери и прогресивни сили во периодот меѓу 1908 и 1912 година. 1943.- Родена е Есма Реџепова, позната македонска пејачка и хуманистка. Нарекувана е Кралица на ромската музика во светски рамки. Во 2013 г. ја добила престижната титула Национален уметник на Република Македонија. Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас почнувајќи од првите младешки музички успеси стана светски прифатена и призната. Таа со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност. Починала на 11 декември 2016 година, во Скопје. 1945.- Со договорот во Лондон меѓу Велика Британија, СССР, САД и Франција, основан бил Меѓународниот воен суд за судење на водачите на Третиот рајх на кој му се приклучиле и други држави. Судењето на Хитлеровите главни соработници почнало во Нирнберг, во ноември 1945 година и траел една година. 1945.- Советската влада, преку министерот за надворешни работи му соопштила на јапонскиот амбасадор во Москва дека неговата влада можела да смета дека Јапонија се наоѓа во воена состојба со СССР. Тоа се случило само два дена по експлозијата на првата атомска бомба врз Хирошима. Веќе на 19 август советските трупи го зазеле Мегдан, а на 23 август влегле во пристаништето Порт Артур. Во операциите до 1 септември, советските трупи ги освоиле Курилските Острови, каде што бил скршен и последниот отпор на јапонската војска. 1963.- Група британски криминалци упаднала во поштенски воз на релацијата меѓу Глазгов и Лондон и украла 2,6 милиони фунти. 1967.- Mинистрите за надворешни работи на Индонезија, Малезија, Сингапур, Тајланд и Филипини во Банкок потпишале Договор за формирање на политичко-економската групација АСЕАН (Здружение на земјите од југоисточна Азија). 1969.- Советскиот Сојуз ја лансирал автоматската вселенска станица "Зонд-7" со задача да ја проучува Месечината и пространствата околу неа. 1994.- Лидерите на Јордан и Израел го отвориле првиот патен граничен премин меѓу тие две блискоисточни земји, завршувајќи го 46-годишното непријателство. 2001.- На патот Скопје - Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак албанските терористи од заседа нападнале конвој на Армијата на Република Македонија, при што убиле  десет припадници на Армијата на Република Македонија: Нане Наумоски (48), резервен капетан, Сашо Китановски (40), резервен поручник, Горан Миновски (29), воен обврзник, Ердоган Шабановски (21), воен обврзник, Љубе Грујоски (32), воен обврзник, Бранко Секулоски (43), воен обврзник, Дарко Велјановски (27), воен обврзник, Пеце Секуловски (31), воен обврзник, Веби Рушитовски (26), воен обврзник и Мирко Деспотовски (27), воен обврзник, сите од Прилеп и Прилепско. 2004.- Во Њујорк умрела Феј Уреј, холивудска актерка. играла во стотина филмови, а најпозната е по улогата во филмот „Кинг Конг“. Родена била во Алберта, Канада, во 1907 година. 2020.- Умре Агни Алиу, професор на Факултетот за современи општествени науки на Универзитетот ЈИЕ. Бил вработен на Универзитетот во Југоисточна Европа од 2003 година. Алиу е автор на повеќе книги, научни трудови и истражувачки трудови објавени во национални и меѓународни научни списанија. Професорот Агни Алиу, од страна на студенти, колеги и соработници, ќе биде запаметен како неуморен, кооперативен и многу баран работник во својата научна работа. ###

Остани поврзан