• сабота, 28 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
28 август 2021 (МИА) 430.- Умрел римскиот свештеник Аврелиј Августин, познат како Свети Августин, кој бил најзначаен претставник на раната христијанска филозофија. 1645.- Умрел холандскиот правник, писател и хуманист Хуго Гроцијус, основач на науката за меѓународното право. Хуго Гроцијус припаѓал на „школата за природно право“ со што ја докажувал еднаквоста на луѓето меѓу себе и пред законот. Исто така, тврдел дека океаните се општо добро и дека одделни земји немаат ексклузивно право на нивно користење. Во Холандија за време на големите спорови меѓу римоктолиците и протестантите се залагал за верска толеранција, докажувајќи дека и двете групи се христијански и дека нема причина за меѓусебни недоразбирања. Во 1618 година бил уапсен, а во 1619 осуден на доживотна робија како верски еретик. Во 1621 година избегал во Франција. Од 1635 година се до неговата смрт бил амбасадор на Шведска во Франција. Дела: „De iure belli ac pacis“, „Mare liberium“, „De iure praedae“, „De veritate religionis Christianae“, „Via et votum ad pacem ecclesiasticam“, драмите „Christus patiens“, „Sophomphaneas“, „Adamus exul“. 1749.- Во Франкфурт на Мајна е роден Јохан Волфганг Гете, германски писател и учесник на многу литературни струења и правци, но никогаш не се придружил на ниту еден од нив. Светско признание стекнал со драмскиот еп "Фауст". Историско-критичкото издание на неговите целокупни дела опфаќа 143 тетратки. Познати негови дела се романот „Страданијата на младиот Вертер“, драмите „Егмонт“, „Ифигенија на Таврида“ и „Торквато Тасо“ и епот „Херман и Доротеја“. Умрел во Вајмар, на 22 март 1832 година. 1833.- Парламентот на Британија забранил трговија со робови во целата Британска империја. 1877.- Роден е англискиот произведувач на автомобили и пилот Чарлс Стјуарт Ролс, кој заедно со Фредерик Ројс во 1906 година ја основале компанијата за произодство на автомобили „Ролс-Ројс“. Компанијата „Ролс-Ројс“ произведувала и авионски мотори. Ролс е првиот пилот кој во јуни 1910 година го прелетал Ламанш во двата правца без застанување, а во јули истата година како прв британски пилот загинал во авионска несреќа. 1903.- Селото Смилево, Демирхисарско, било нападнато од многубројна турска војска. Со одбраната на Смилево раководел Даме Груев, голем македонски револуционер. По жестоката борба турската војска навлегла во селото, го запалила и извршила масакрирање на 250 жени и деца во месноста Голем Гар, на Бигла Планина. 1910.- На свечена седница во Народното собрание во Цетиње Кнежеството Црна Гора било прогласено за Кралство, а кнезот Никола Први Петровиќ за крал. 1917.- Во Прилеп е роден Сотир Гулески, македонски писател и книжевен преведувач. Автор е на романите „Меѓа“, „Прекшен `рбет“, „Кога карпите `ртат“, „Модро млеко“, „Им се суди на дивите ветрови“, на тетралогијата „Фурии“ и на други дела. Умре во Охрид, на 20 јуни 1985 година. 1929.- Рударите од рудникот Лојане, Кумановско, стапиле во штрајк. Поради тоа овој ден бил прогласен за Ден на рударите на Македонија. 1930.- Во Гевгелија е роден Георги Старделов, македонски естетичар, филозоф, книжевен критичар, есеист, академик. Дипломирал философија на Филозофскиот факултет во Белград. Доктор по филозофски науки станал во 1965 година. Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на Македонскиот ПЕН центар.  За член на МАНУ бил избран во 1986 година. Во периодот од 2000 до 2004 година бил потпретседател на МАНУ, а од 2009 нејзин потпретседател и раководител на Лексикографскиот центар, за од 1 јануари 2008 година да стане претседател на МАНУ. Во МАНУ, од 1993 година раководел со макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова редакција биле издадени 20 тома.Старделов е плоден научен работник во повеќе дисциплини (филозофија, историја, естетика, теорија и социологија на културата и уметноста, историја на литературата. Најпознати дела: „Есеи“ (1958), „Модерното и модернизмот“ (1962), „Антеј бара почва“ (1971), „Меѓу литературата и животот“ (1981), „Experimentum Macedonium“ (1983), „Изморена авангарда“ (1985), „Вовед во иднината“ (1986), „Одземање на силата“ (1990), „Summa aestheticae“ (1991), „Искушенијата на естетичкиот ум“ (2003), „Балканска естетика – една друга естетика“ (2004). Носител е на врвни македонски и меѓународни книжевни и државни награди и признанија. 1944.- Во борбата за ослободување на селото Здуње, кај Македонски Брод, во една јуришна борба против бугарската војска како командант на Петтата македонска бригада загина Илија Игески - Цветан, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден бил во селото Топлица, Прилепско, во 1920 година. 1987.- Умрел американскиот филмски режисер Џон Хјустон, еден од најистакнатите американски филмски режисери на 20. век. Филмови: „Малтешки сокол“ „Рт Ларго“, „Бевме странци“, „Богаството на Сиера Мадре“, „Џунгла на асфалт“, „Црвена значка за храброст“, „Африканска кралица“, „Моби Дик“, „Ноќ на игуаните“, „Наш човек од Австралија“, „Ени“. 1991.- Во Скопје, во издание на НИП „Нова Македонија“, излегол првиот број на неделниот спортски магазин „Скок“. 1992.- Започнале натпреварите на Првата македонска фудбалска лига. 1993.- Во близина на селото Подвис, Кичевско, била откриена спомен-плоча на прославените војводи од Илинденската епопеја, Наќе и Арсо, а во кругот на црквата во селото Кладник, била откриена спомен-плоча на масовната гробница на 18 македонски востаници. 1996.- Во Битола, на празникот Успение на Света Богородица, проработило првото црковно радио на подрачјето на Преспанско-пелагониската епархија. 1999.- Во сообраќајна несреќа загинал македонскиот министер Радомир Стојковски заедо со неговата сопруга, ќерката и возачот, по што норвешките војници во возилото на меѓународните сили одбиле да направат алкохол-тест во крвта. Поручникот кој ја предизвикал несреќата, во Осло, во март 2000 година бил осуден на една година затвор. 2007.- Умрел Франциско Умбрал, еден од најголемите шпански современи писатели. Објавил повеќе од 80 книги, меѓу кои се „Смртникот и ружата“ и „Мадридска трилогија“. Добитник е на угледни шпански признанија - Наградата на принцот од Астурија за литертура во 1996 година и наградата „Сервантес 2000“. Како публицист пишувал за повеќе списанија, меѓу кои се левичарскиот „Ел паис“ и десничарскиот „Ел мундо“. ###

Остани поврзан