• сабота, 28 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
3 септември 2022 (МИА) 1189.- Ричард Први Плантагенет "Лавовско срце" е крунисан за крал на Англија. 1500.- Во Фиренца е роден Венвенуто Челини, италијански вајар и златар. Својот бурен живот го опишува во автобиографијата која е значајна за културната историја на ренесансата. Главни дела: „Персеј со глава на медуза“, „Козимо Медичи“, „Трактат за златарството“, „Трактат за вајарството“ и други дела. Умре во Фиренца, на 14 февруари 1574 година. 1658.- Умре англискиот државник и војсководец Оливер Кромвел, водач на англиската буржоарска револуција. Одбивајќи ја кралската титула, во 1653 година стана лорд на Кралството Англија, Шкотска и Ирска. Две години по неговата смрт монархијата е обновена. 1759.- Од Португалија почна протерувањето на римокатоличките јузеи. 1783.- Велика Британија, САД, Франција и Шпанија го потпишаа Парискиот мир, со кој заврши американската војна за независност. 1791.- Француското собрание го усвои уставот со кој се воспостави уставна монархија. 1826.- Николај Први е крунисан за цар на Русија. 1866.- Во Женева почна првиот конгрес на Првата интернационала. 1877.- Умре францускиот државник и историчар Луј Адолф Тјер, основач и прв претседател на Третата република од 1871 до 1873 година. Како шеф на версајската влада во 1871 година во крв ја задуши Париската комуна. 1883.- Умре рускиот писател Иван Сергеевич Тургењев, еден од најзначајните претставници на рускиот реализам. Тој е првиот руски писател кој со своите дела продре на Запад. Тургењев за време на неговиот живот уживаше поголем углед во Франција отколку во Русија. 1900.- Роден е финскиот државник Урхо Кеконен, претседател на Финска од 1956 до 1982 година. Кеконен е најистакнатиот фински политичар по Втората светска војна. 1900.- Во Струга е роден Ристо Крле, македонски драмски писател. Неговото дело претставува трајна вредност на македонската литература. Заедно со Васил Иљоски и Антон Панов, меѓу двете светски војни го оживеа драмскиот жанр во македонската литература. Негови познати дела се "Парите се отепувачка", "Антица", "Милиони маченици", "Автобиографија", "Велик ден" и други. Умре во Скопје, на 29 октомври 1975 година. 1901.- На патот од Банско за Симитли, кај месноста Потпрена Скала, македонски револуционери на чело со Јане Сандански, ги грабнаа американската мисионерка мис Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка, Бугарка, а со цел да се обезбедат пари за националноослободителното движење. За ослободувањето на грабнатите Организацијата доби 14.000 турски лири, што ги употреби за купување на оружје. 1916.- Сојузничките трупи ја поразија германската армија во Првата светска војна во битката кај Верден, во Франција. 1921.- Во Куманово е роден Христијан Тодоровски - Карпош, народен херој на Македонија. Во 1941 година учествуваше во собирањето на оружје, разнесување на летоци и на билтенот "Дедо Иван", што го издаваше градската партиска организација. Исто така, учествуваше во подготовките на Првиот кумановски НОП одред. Беше член на Штабот на Кумановскиот партизански одред. Загина при нападот на бугарската војска во селото Билјача, на 7 февруари 1944 година. 1925.- Во селото Габрово, Струмичко, е роден Манол Пандевски, македонски историчар и академик. Во 1987 година објавен му е избор од неговата научна активност во пет тома под наслов „Македонско ослободително дело во 19. и 20. век“. Умре во Скопје, на 21 мај 1998 година. 1933.- ВО Софија излезе првиот број на „Македонска правда“, весник на македонската емиграција. Од 1 до 11 број уредник беше Димитар П. Евтимов. Весникот ја подржуваше идејата за балканска федерација како единствено решение за мир на Балканот. Од 12-иот број весникот премина во рацете на протогеристите, при што Евтимов ја напушти редакцијата. Излегоа вкупно 52 броја. 1939.- Два дена по германскиот напад врз Полска, Велика Британија и Франција во Втората светска војна и објавија војна на Германија. 1943.- Со навлегување на Осмата британската армија под команда на Бернард Монтгомери на Сицилија почна нападот на сојузничките трупи врз Италија во Втората светска војна. 1943.- Во Сиракуза, во Италија е потпишано примирје меѓу сојузниците и италијанската влада на маршал Бадолјо. Пет дена подоцна, Италија капитулира. 1944.- Повеќе од 300 балисти со невидена бруталност почнаа да се пресметуваат со населението во селото Маврово, Гостиварско. Се што ќе најдеа пред себе убиваа и пљачкосуваа. На крајот го запалија и го уништија до темел целото село. Изгорени беа повеќе од 150 куќи, пљачкосани повеќе илјади крупен и ситен добиток, претепани и убиени многу луѓе, а живи в оган беа фрлени Куне Трпевски, Симун Трифуновски, Евдо Десовски и Мара Штерјовска. 1948.- Умре чешкиот државник Едуард Бенес, претседател на Чехословачка од 1935 до 1938 и од 1946 до 1948 година. Беше лидер на Народната партија и најблизок соработник на првиот чехословачки претседател Томас Масарик. По војната, Бенес повторно беше претседател на државата, но кога комунистите ја приграбија целата власт поднесе оставка во 1948 година и набрзо умре. 1962.- Умре американскиот писател Едвард Естлин Кампингс. Во неговата поезија доминираат темите за љубовта и смртта. 1969.- Умре виетнамскиот државник Хо Ши Мин, претседател на Демократска Република Виетнам (Северен Виетнам) од прогласувањето во 1945 година. Хо Ши Мин беше водич во борбата против јапонската армија, француските колонијални трупи и американската војска. За време на Втората светска војна кога Јапонија го окупира Виетнам, создаде силно ослободително движење, јадрото на идната армија која им нанесе одлучувачки порази на Французите и на Американците, по што Северен и Јужен Виетнам се обединија во 1976 година. 1971.- СССР, САД, Велика Британија и Франција потпишаа спогодба за статусот на Берлин. Со оваа спогодба Берлин беше поделен на источен и западен дел. 1976.- Американскиот вселенски брод без човечки екипаж "Викинг 2" се спушти на Марс испраќајќи фотографии од Планетата. 1991.- Умре американскиот филмски режисер од италијанско потекло Френк Капра, автор на прекрасни комедии со сатиричка нота. 1991.- По седумгодишно мирување повторно проработи Металуршкиот комбинат за никел и антимон "ФЕНИ" кај Кавадарци. 1993.- Во Скопје умре Јован Ивањин, македонски писател. Автор е на книгите поезија "Нијанси", "Скици на далгите", "Последна балада" и на романот "Ајазме". Роден е во Скопје, на 3 април 1932 година. 1997.- Кај селото Жидилово, кај Крива Паланка во Република Македонија влегоа првите цевки од гасоводот за природниот гас, со што започна процесот на гасификација во државата. 1999.- На граничниот премин Генерал Јанковиќ, меѓу Македонија и СР Југославија, почна со работа царинската служба на УНМИК, наплатувајќи ги царинските давачки во германски марки. 2000.- Папата Јован Павле Втори го беатифицираше папата Пије Деветти од 19. век, игнорирајќи ги острите протести на еврејските и либералните римокатолички кругови. 2002.- Врховниот суд на Израел одлучи израелските власти да можат да ги протераат роднините палестински терористи ако докажат дека се против безбедноста на Израел. 2007.- Британската војска ја напушти Барса, најважниот центар на нафтената индустрија во Ирак. Британците и претходно напуштија три јужни провинции во Ирак, предавајќи ја контролата на домашните сили. Повлекувањето е последица на честите напади во кои настрадаа голем број британски војници. 2012.- На 86-годишна возраст умре долгогодишната оперска првенка Ана Липша Тофовиќ. Ана Липша Тофовиќ на 4 август 1961 година влезе во историјата со концертот одржан во црквата „Света Софија“, со што беше означено раѓањето на манифестацијата „Охридско лето“. 2018.- На 68-годишна возраст во Скопје ненадејно почина режисерот Тихомир Бачовски. Првите контакти на Бачовски со филмот датираат од 1966 година. Како познат кино-аматер веќе во 1967 и 1968 година, во рамките на тогашна Југославија освојува повеќе награди за режија на фестивали за аматерски филм во Љубљана, Загреб и Белград. Од 1997 година почнува професионално да се занимава со режија во МРТ, чиј творечки опус трае повеќе од три децении. ###

Остани поврзан