• петок, 20 јуни 2025

Награди од Јапонија и Турција за членови на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола

Награди од Јапонија и Турција за членови на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола

Битола, 16 мај 2025 (МИА) - Министерството за култура на Јапонија и Министерството за култура и туризам на Турција доделија високи награди и признанија за членови на Детското ликовно студио (ДЛС) „Св. Кирил и Методиј“-Битола.

На светскиот ликовен конкурс во Јапонија, ДЛС „Св. Кирил и Методиј“ учествуваше со колекција од 15 цртежи, а ученичката Бојана Стефановска ја доби наградата „100 од 100“ најдобри млади ликовни уметници.

-Македонија традиционално како и секоја година беше преставена само од нашето студио, а жири комисијата составена од професори и академици од Националниот Музеј за модерна уметност во Токио и Универзитетот за ликовни уметности во Токио доделија награда која има огромно значење  за нашата ученичка Бојана, но и за нашето студио, истакна Елена Хаџи Антоновска, претседателка на ДЛС „ Св. Кирил и Методиј“-Битола.

Во студиото во Битола пристигнаа награди и од турскиот град Газиантеп каде на тамошниот светски детски ликовен конкурс  со златен медал наградена е Ана Полизовска, сребрени медали добија Јана Талеска и Јована Василевска, а со бронзен медал е наградена Сара Сотировска.

Светскиот детски ликовен конкурс 36 години по ред го организира регионалната канцеларија за култура на гувернерот на Газиантеп и е под покровителство на Министерството за култура и туризам на Република Турција. мт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан