• среда, 27 ноември 2024

Набљудувачка мисија Црта: Изборите во Србија се пораз на државата и владеењето на правото

Набљудувачка мисија Црта: Изборите во Србија се пораз на државата и владеењето на правото

Белград, 14 февруари 2024 (МИА) - Изборите одржани во Србија на 17 декември минатата година беа пораз за државата и владеењето на правото, оцени во својот финален извештај набљудувачката мисија на невладиниот Центар за истражување, транспарентност и отчетност - Црта.

-Тие сознанија произлегоа од „жртвуваната, макотрпна, повеќемесечна работа на илјадници набљудувачи, работата на правниот тим и тимот аналитичари, но и луѓе од системот, од државните институции, рече програмскиот директор на Црта, Раша Недељков на прес-конференција во Белград.

На конференцијата во Белград на 14 февруари беше претставен конечниот извештај на Набљудувачката мисија.

-Врз основа на документираните факти, одговорно и професионално кажуваме дека вонредните парламентарни и вонредните избори за Собранието на Белград не беа ниту слободни, ниту фер, рече Недељков.

Тој посочи дека „насилството против законот и цела низа криминални дејствија се извршени пред се во интерес на најголемата политичка партија на власт“.

Недељков посочи дека она што ги направило декемвриските избори различни од претходните е активното учество на некои институции во кршењето на законите „за да се даде предност на еден или неколку политички партнери, а со тоа и подобри резултати на самиот изборен ден“.

-Обвинителските органи сносат најголема одговорност за цементирање на културата на неказнивост, рече Недељков.

Црта нема информации дека досега е покрената кривична постапка поврзана со декемвриските избори. Вонредните парламентарни, покраински и локални избори се одржаа во Србија на 17 декември 2023 година.

Според официјалните резултати, владејачката Српска напредна партија победи на сите нивоа.

Но, за време на изборниот ден и деновите потоа меѓународните и домашните набљудувачи укажаа на цела низа сериозни нерегуларности, поради што дел од опозициските партии собрани во коалицијата „Србија против насилството“ побараа поништување на изборите на сите нивоа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан