• вторник, 26 ноември 2024

МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6 отсто од БДП

МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6 отсто од БДП

Скопје, 30 април 2024 (МИА) - Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци, јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6 отсто од БДП.

- Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра, се вели во соопштението.

Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 - 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб-страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.

Согласно утврдената динамика, денеска Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4 отсто од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.

Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок, како што се наведува, укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60 отсто од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми.

Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми. мд/дма/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан