• среда, 27 ноември 2024

МФ: Стејт Департментот не вброи меѓу земјите кои се фискално транспарентни

МФ: Стејт Департментот не вброи меѓу земјите кои се фискално транспарентни
Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - Според Извештајот за фискална транспарентност за 2022 година на Стејт Департментот на САД, се вбројуваме меѓу земјите кои ги исполнуваат нивните критериуми за фискална транспарентност, информираат од Министерството за финансии. Согласно Извештајот, се оценуваат два аспекти – документите поврзани со националниот буџет, склучените договори и лиценците за концесии. -Извештајот за 2022 година прави евалуација на тоа дали владите ги објавуваат буџетските документи во јавноста, вклучително и расходите разложени по одделни буџетски корисници, како и приходите согласно нивните извори. Во оценката се вклучува и дали била извршена надворешна ревизија согласно меѓународните стандарди за независна ревизија на финансиските извештаи, како и дали истата е јавно достапна. Понатаму, извештајот оценува дали процесот на доделување на лиценци за концесии и владини договори е согласно законите и регулативата и дали тие се јавно достапни. Преку фискалната транспарентност, се наведува во извештајот на Стејт Департментот, се информираат граѓаните како се трошат приходите од државните буџети и воедно се обезбедува отчетност кон граѓаните, како и доверба и економска одржливост, соопштуваат од Министерството. Од 141 земја, кои се квалификуваат за странска помош од САД, согласно евалуацијата на Стејт Департментот, само половина од земјите ги имаат исполнето условите, како Чешка, Естонија, Унгарија, Израел, Латвија, Литванија, Португалија, Сингапур, Словачка, но и Хрватска и Словенија, како и земјите од регионот од Западен Балкан. -Изминатите неколку години преземени се значајни чекори од страна на нашата Влада за подигнување на фискалната транспарентност. Воспоставени се повеќе механизми и алатки за подигнување на фискалната транспарентност, меѓу кои и Граѓанскиот буџет, платформата Отворени финансии, Календарот на даночни промени и Фискалниот бројач, кој на дневна основа дава приказ во приходите и расходите од страна на буџетот, реализацијата на капиталните расходи и месечно на реализацијата на државниот долг. Исто така, со новите системски законски решенија, како Законот за буџет и измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, се носат дополни решенија кои и понатаму ќе ја унапредуваат фискалната транспарентност во земјава, велат од Министерството за финансии. ир/дма/

Остани поврзан