МФ: Продолжува трендот на намалување на јавниот долг, на крајот на третиот квартал намален на 55,8 отсто од БДП
- Јавниот долг продолжува да се намалува. Како што соопшти Министерството за финансии, последните податоци објавени денеска и кои се однесуваат на третиот квартал од 2023 година, покажуваат намалување за 2,1 п.п. во однос на претходниот квартал и 3,9 проценти во однос на крајот на 2022 година. Со регистрирано ниво од 55,8 отсто од БДП, јавниот долг се врати на нивото од пред 2020 година, односно тој е понизок за 3,9 отсто и од нивото на јавниот долг во 2020 година.
Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Јавниот долг продолжува да се намалува. Како што соопшти Министерството за финансии, последните податоци објавени денеска и кои се однесуваат на третиот квартал од 2023 година, покажуваат намалување за 2,1 п.п. во однос на претходниот квартал и 3,9 проценти во однос на крајот на 2022 година. Со регистрирано ниво од 55,8 отсто од БДП, јавниот долг се врати на нивото од пред 2020 година, односно тој е понизок за 3,9 отсто и од нивото на јавниот долг во 2020 година.
-Одржувањето на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на границите на Мастришките критериуми и согласно новите фискални правила од Законот за буџети е и останува нашата основна определба во управувањето со јавниот долг. Најдобар показател за тоа се податоците што ги објавува Министерството за финансии во утврдена динамика, кои покажуваат намалување на нивото на јавниот долг и тоа од 59,7 проценти од БДП во 2020 година на ниво од 55,8 отсто на крајот на третиот квартал од оваа година, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој додава дека ова е особено важно затоа што се остварува во услови кога имавме потреба од поголема фискална поддршка за справување со ковид-кризата, а потоа и со енергетската и ценовната, за што беа издвоени 2 милијарди евра, а истовремено редовно се сервисираа сите обврски, вклучително и стари задолжувања. Така, во овој период, покрај другите, беа исплатени и еврообрзници во износ од 1,220 милијарди евра.
Во третиот квартал од 2023 година беше извршена исплата на еврообврзницата издадена во 2016 година во износ од 450 милиони евра, односно исплатени се обврски по основ на надворешен долг во износ од околу 540 милиони евра.
Покрај кај јавниот долг, намалување се забележува и кај државниот долг и тоа од 2,2 п.п. на крајот третиот квартал во однос на вториот квартал од 2023 година и тој сега е позициониран на ниво од 48,2 отсто од БДП.
-Како Влада и Министерство остануваме на определбата за прудентно управување со јавниот долг и негово одржување на стабилно ниво. За да опстоиме на оваа определба и на понатамошното продолжување на овој тренд на намалување на долгот, продолжуваме да го спроведуваме планот за постепена фискална консолидација и обезбедување средства во Буџетот само за развојни проекти и отплата на стари долгови со најнизок можен трошок, наведува Министерството за финансии. мч/нд/
фото: МИА архива