• вторник, 24 декември 2024

МФ: Општините Тетово, Виница и Желино ќе ги намируваат доспеаните обврски со поддршка од централниот буџет – потпишани договори за првите структурни обврзници

МФ: Општините Тетово, Виница и Желино ќе ги намируваат доспеаните обврски со поддршка од централниот буџет – потпишани договори за првите структурни обврзници

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) - Општините Тетово, Виница и Желино, се трите локални самоуправи кои на нивно барање, а со поддршка од централната власт ќе ги намируваат доспеаните обврски и со тоа ќе ги зајакнат своите финансиски капацитети. Министерот за финансии Фатмир Бесими и градоначалниците Билал Касами, Миле Петков и Блерим Сејдиу деенска ги потпишаа договорите за користење на структурните обврзници издадени од Министерството за финансии за овие три општини.

Структурните обврзници, како што известуваат од Министерството за финансии, се нов финансиски инструмент, кој е воведен со Законот за финансирање на единиците на локалните самоуправи и дава можност на општините да ги користат за подмирување на доспеани, а неплатени обврски. Со нив се овозможува репрограмирање на обврските, но и можност за консолидирање на своите буџети и можност да се фокусираат на својот развој, а износот за издадените обврзници ќе го враќаат во 10-годишни еднакви рати.

-Ова се први структурни обврзници кои ги издаде Министерството за финансии, согласно новиот реформски Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа, со кои се обезбедуваат повеќе средства за локалните власти, а со цел нивна финансиска стабилност и испорачување квалитетни услуги. Општините Тетово, Виница и Желино, беа локалните самоуправи кои ја искористија оваа еднократна можноста од Законот и поднесоа барање во законски утврдениот рок за издавање структурна обврзница и со тоа да обезбедат средства за исплата на обврските и да се посветат на својот развој“, изјави министерот Бесими.

Министерството за финансии издаде структурни обврзници во вкупен износ од 275 милиони денари, од кои од 250,2 милиона денари за Тетово, 21,7 милиони денари за Желино и 2,5 милиони денари за Виница, така што  со потпишување на договорите, издадените обврзници можат да ги користат за исплата на обврските кон доверителите, подмирувајќи ги  обврските кон Управата за јавни приходи или со нив да тргуваат на секундарниот пазар на Берзата.

-Издавањето на структурните обврзници е дел од предвидената реформа за унапредување на фискалната децентрализација и дел од пошироката реформа во управувањето со јавните финансии. Тие претставуваат еден од инструментите кои им стојат на располагање на општините, односно, за зајакнување на нивната финансиска стабилност општините можат да користат и условен кредит, информираат од Министерството за финансии.

Дополнително, со измените на Законот за  финансирање на единиците на локалната самоуправасе обезбедија повеќе средства преку зголемување на трансферите од централниот буџет кон општините по основ на данок на личен доход од 3 отсто на 6 отсто  и по основ на ДДВ од 4,5отсто  на 6 отсто. љм/са/

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан