Муцунски на средби со британскиот државен министер Даути и словенечката министерка Фајон
- Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на средбата со министерот Даути, Муцунски изразил благодарност за британската поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја, нагласувајќи ја заложбата за натамошно јакнење на билатералните односи.

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска остварил одвоени средби со британскиот државен министер за Европа, Северна Америка и прекуокеанските територии, Стивен Даути и заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на средбата со министерот Даути, Муцунски изразил благодарност за британската поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја, нагласувајќи ја заложбата за натамошно јакнење на билатералните односи.
- Беше истакната важноста на силното сојузништво во НАТО и заедничките напори за зачувување на мирот и безбедноста во Европа и поширокиот регион. Посебен акцент беше ставен на економската соработка, интензивирање на трговската размена и зголемување на британските инвестиции, се наведува во соопштението.
На средбата со министерката Фајон била потврдена одличната соработка меѓу двете пријателски земји и НАТО сојузници.
- Муцунски ја истакна благодарноста за поддршката на Словенија во евроинтегративниот процес, со надеж дека словенечките искуства ќе придонесат кон зајакнување на административните и законодавните капацитети на земјата. Соговорниците ја подвлекоа заедничката посветеност на зачувување на регионалната стабилност, како и на борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната миграција и сајбер-заканите, како приоритети во надворешно-политичкото дејствување, се истакнува во соопштението. бд/дма/
Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија