• вторник, 24 декември 2024

Муцунски на средба со почесните конзули на странски земји

Муцунски на средба со почесните конзули на странски земји

Скопје, 26 август 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со почесните конзули на странски земји, на која изрази надеж дека ќе дадат силен придонес во економијата, засилувањето на процесот на привлекување на странските инвестиции, поттикнување на нашата надворешно трговската размена, засилување на заемните туристички понуди, како и друг вид на промоции со цел зголемување на сите видови соработка.

Како што соопштија од МНР, на средбата Муцунски се заблагодарил за плодната соработка, комуникација и успешно изградените односи во изминатиот период, што имало силен придонес кон унапредувањето на односите со државите чии интереси тие ги претставуваат.

Муцунски се осврнал на геополитичките случувања во регионот и во Европа, нагласувајќи дека нашата држава има цел да биде силен, кредибилен и одговорен субјект во меѓународните односи и земја која активно придонесува за стабилноста, безбедноста, сигурноста и економскиот просперитет на регионот и пошироко.

-Нашата влада целосно е свесна за сите проблеми со кои веќе се соочува и во таа насока ги препознаваме сите позначајни предизвици, барајќи брзи и ефикасни решенија и користејќи ги сите возможни алатки во прилог на одговорно надминување на пречките кои ќе ни помогнат да бидеме далеку поодговорни, потранспарентни и ангажирани, посочи Муцунски во своето обраќање.

Во рамки на своето обраќање тој ја нагласил и посветеноста на почесните конзули во промовирањето на богатата македонска култура и наследство, што како активност помага за зголемен степен на меѓусебното препознавање и запознавање и истовремено придонесува за поголемо зближување и доверба меѓу нашата држава и оние државите кои тие ги претставуваат.

-На крајот од обраќањето Муцунски ја нагласи подготвеноста за соработка во иднина на чие продлабочување треба заемно да се работи, потенцирајќи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува отворено подготвен да потребна помош и поддршка за сите протоколарни прашања и услуги, а кои како такви ќе го олеснуваат нивното идно работење, се вели во соопштението на МНР. бт/аа/

Фото: МНР

Остани поврзан