• петок, 05 декември 2025

Муцунски на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург

Муцунски на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург

Скопје, 13 април 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во работна посета на Луксембург, каде што, ќе учествува на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, во формат на министри за надворешни работи на земјите-членки и земјите од Западен Балкан, на покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, г-ѓа Каја Калас.

Во услови на сѐ посложен геополитички контекст, состанокот има за цел, во инклузивен формат, да се дискутира за продлабочување на соработката меѓу Европската Унија и Западниот Балкан на полето на европската безбедност.

На состанокот, како што информираат од неговиот кабинет, се очекува министерот Муцунски да ја истакне целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија – како потврда за стратешката ориентација кон полноправно членство во ЕУ, но и како показател за доследната посветеност на промоцијата и заштитата на европските вредности и принципи.

Во рамки на посетата, Муцунски ќе оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Луксембург, Гзавие Бетел, како и одвоена средба со Марта Кос, комесарка за проширување на Европската Унија.вј/хс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан