• четврток, 19 март 2026

Муцунски: Наш приоритет е отворањето преговори и што побрзо членство во Европската Унија

Муцунски: Наш приоритет е отворањето преговори и што побрзо членство во Европската Унија

Скопје, 19 март 2026 (МИА) -  Наш неостварен стратешки приоритет е отворањето на преговорите и што побрзо членство во Европската Унија - истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Во гостување во вестите на ТВ „Алсат“, Муцунски посочи дека државата континуирано ја следи дискусијата во рамките на европските институции и разните дебати што се водат.

- Ние секако ја следиме дискусијата, како и разните дебати што постојат, но во овој момент наш неостварен стратешки, надворешнополитички приоритет на државата, е отворањето на преговорите за членство и што побрзо полноправно членство во Европската Унија - нагласи тој.

Од аспект на начинот на кој се носат одлуките во Европската Унија, како што посочи Муцунски, за евентуална промена на методологијата или на правилата поврзани со проширувањето потребен е консензус.

- Според она што го слушаме, постојат повеќе идеи за тоа како одредени земји членки или групи на земји членки, па дури и Европската комисија, ја гледаат иднината на политиката за проширување. Но, она што е јасно е дека, барем во овој момент, нема консензус по ниедно од овие алтернативни решенија - додаде министерот.

Коментирајќи го односот на опозицијата, Муцунски истакна дека станува збор за политички субјект, кој го промени името на државата, вети дополнителни уставни измени и направи значителни национални отстапки со цел напредок кон европскиот пат.

- Осум години по тие отстапки, односно веќе се приближуваме кон десет години, државата сѐ уште нема почнато преговори со Европската Унија. Оттаму, резултатот од нивната политика најдобро се гледа преку она што го направиле и она што го постигнале - заклучи тој.

 Муцунски додаде дека СДСМ како политички субјект нема апсолутно никаков кредибилитет да предлага политики во областа на надворешната политика.

- Веројатно подоблесно би било да се извини за сите грешки во минатото и да ѝ даде целосна поддршка на Владата, која се обидува да врати дел од позициите на национално достоинство - истакна Муцунски. дма/вј/

Фото: Фејсбук на Тимчо Муцунски

Остани поврзан