• вторник, 24 декември 2024

Мустафа најави собраниска седница за избор на новата влада на Косово, не очекува отпор од Самоопределување

Мустафа најави собраниска седница за избор на новата влада на Косово, не очекува отпор од Самоопределување
Приштина, 29 мај 2020 (МИА) - Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа најави дека гласањето во Собранието на Косово за составот на новата влада што ќе го предложи кандидатот за премиер од неговата партија, Авдулах Хоти, може да се одржи утре или в понеделник, на 1 јуни, јави дописникот на МИА од Приштина. Мустафа изјавата ја даде пред почетокот на консултатитвната средба со партиското раководство, која се одржува по синоќешната одлука на Уставниот суд, кој го оцени како уставен декретот на претседателот на државата Хашим Тачи за доделување на мандатот на Хоти. Лидерот на ЛДК не очекува отпор од страна на досега владејачкото Движење самоопределување (ВВ) на Албин Курти за напуштање на владините канцеларии, бидејќи, според него, такво нешто прават „само тоталитарните режими во Африка“. Партијата на Мустафа веќе има потпишано договор за коалиција со Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, а во владата на Хоти ќе учествуваат и најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) и партиите на другите немнозински етнички заедници. Откако пред два месеци, на 25 март, беше изгласана недоверба на Владата предводена од Курти, претседателот на државата му го додели мандатот за формирање нова влада на ЛДК, како второрангирана партија на октомвриските избори. Тачи неколку пати го повика ВВ да предложи кадндидат за премиер, а откако партијата на Курти не одговори на неговите повици, на 30 април тој му го додели мандатот на Хоти. Утредента, на 1 мај, ВВ го оспори пред Уставниот суд правото на Тачи да го додели мандатот на било која друга партија, освен на онаа која победила на парламентарните избори. Доцна синоќа Уставниот суд одлучи дека декретирањето на Хоти од страна на Тачи не е спротивно на Уставот на Косово, по што претставници на ВВ најавија граѓански протести. иа/ми/

Остани поврзан