• вторник, 24 декември 2024

Муртезани: Ирската помош значаен придонес во остварувањето на целите на земјата за членство во ЕУ

Муртезани: Ирската помош значаен придонес во остварувањето на целите на земјата за членство во ЕУ

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се сретна со амбасадорот на Република Ирска за Северна Македонија, со седиште во Букурешт, Брендан Вард.

Како што информира Министерството за европски прашања, во фокусот на разговорите беа унапредувањето на пријателските билатерални односи во сите сфери од заемен интерес, европското досие на земјата и реформските напори во тој контекст.

Муртезани изразил благодарност за принципиелната и континуирана поддршка на Ирска како долгогодишен поддржувач на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Тој ја нагласил важноста од соработка во клучните реформски области што ја поддржуваат европската агенда на Северна Македонија.

-На средбата се разговараше и за модалитетите на пренесување на искуството и експертизата на Ирска во процесот на усогласување со европските стандарди, особено во областите од значење за нашиот пристапен процес. Министерот Муртезани ја поздрави подготвеноста на Ирска за ваквите иницијативи, оценувајќи дека ирската помош претставува значаен придонес во остварувањето на целите на земјата за членство во Европската Унија, стои во соопштението од Министерството за европски прашања. мд/нд/

Фото: Министерство за европски прашања

 

Остани поврзан