• вторник, 24 декември 2024

Муртезани: Проширувањето на ЕУ е геополитички императив

Муртезани: Проширувањето на ЕУ е геополитички императив

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) – Неодамнешните изјави на европското лидерство го истакнуваат проширувањето на ЕУ како геополитички императив, начело што нашиот регион го прикажува преку својата посветеност и напредок, посочи министерот за европски прашања Орхан Муртезани на денешната конференција во Меѓународниот балкански универзитет, насловена „Перспектива за заедничка иднина: процесот на пристапување на Северна Македонија и односите ЕУ-Турција“.

Акцентот на Европската унија за забрзување на процесите за пристапување и решавање на билатералните прашања преку стратешки насочени дипломатија, Муртезани вели дека укажува на подлабоко разбирање од страна на ЕУ за значењето од проширување на Унијата. Патот на земјава кон ЕУ, додаде, е тесно поврзан со стабилноста и просперитетот на целиот Западен Балкан.

– Северна Македонија не е само идна членка, туку сегашен партнер во европската кауза. Патот на Северна Македонија напред е тесно поврзан со стабилноста и просперитетот на целиот Западен Балкан. Нашата посветеност кон Заедничкиот регионален пазар и Берлинскиот процес ја потврдува нашата подготвеност да придонесеме за регионалната кохезија и економската интеграција, позиционирајќи го Западен Балкан како витална компонента на иднината на Европа. Нашите аспирации за членство повеќе не треба да се гледаат како далечна надеж, туку како логичен и навремен исход на заедничката визија, рече Муртезани.

Оцени дека интегрирањето во ЕУ ќе биде клучна пресвртница во европската историја и дека земјава е целосно посветена во заедничкиот напор за постигнување стабилност и кохезија во регионот. 

– Сега влеговме во клучна фаза на исполнувањето на одредниците за отворање на Кластер 1 за владеење на правото и фундаменталните вредности. Дополнително, предложивме патокази кои се однесуваат на реформите во правосудството, правата на малцинствата и реформата на јавната администрација. Секој од нив е и пресвртница и посветеност – демонстрација на нашиот капацитет да воспоставиме вистинска, одржлива промена. Годинешниот извештај за напредокот, објавен од Европската комисија пред две недели, потврдува дека Северна Македонија е подготвена самоуверено да напредува кон пристапувањето, рече Муртезани.

Напредокот е значителен, вели министерот, но „потполно сме свесни дека интеграцијата во ЕУ мора да биде повеќе од исполнување низа технички одредници“. Перспективите за пристапување кон Унијата, додаде, не го одразуваат само усогласувањето на политиките, туку и приближувањето на судбините.

– Перспективите за нашето пристапување не го одразуваат само усогласувањето на политиките, туку и приближувањето на судбините. Во нашиот меѓусебно поврзан свет, успехот на една нација во достигнувањето на демократските вредности, стабилноста и просперитетот ја зајакнува колективната сила на сите. Денес, Северна Македонија стои како целосно посветен партнер во заедничкиот напор за постигнување стабилност и кохезија во нашиот регион, подвлече Муртезани. ра/

Фото: Министерство за европски прашања

 

Остани поврзан