Мун: Ќе продолжам да промовирам мир со Пјонгјанг
- Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин денеска изјави дека до крајот на мандатот ќе се труди преку дијалог да промовира мир со Северна Кореја
Сеул, 25 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин денеска изјави дека до крајот на мандатот ќе се труди преку дијалог да промовира мир со Северна Кореја.
- Ќе вложам крајни напори да помогнам да се воспостави нов поредок за остварување на мир и просперитет на Корејскиот Полуостров преку дијалог и дипломатија, истакна Мун пред Парламентот, додавајќи дека неговите напори остануваат „нецелосни“.
Мун потсети и дека тој го отворил патот за мировниот процес на Корејскиот Полуостров со одржување на три самити со севернокорејскиот лиде Ким Џонг-ун, како и оти помогнал во организирањето на самитот Северна Кореја - САД во 2018 година помеѓу Ким и Доналд Трамп.
Петгодишниот мандат на Мун истекува во мај следната година и нема право на реизбор. ми/