• петок, 27 декември 2024

Мултимедијална изложба „Aeterna Nova“ во Мала станица

Мултимедијална изложба „Aeterna Nova“ во Мала станица

Скопје, 17 јуни 2024 (МИА) – Во Националната галерија Мала станица вечер во 20 часот ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Aeterna Nova“ на Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС Скопје. Изложбата е посветена на облековната култура на сите етнички заедници кои живеат во државава.

Од Здружението посочуваат дека изложбата презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција.

Потенцирајќи ја сложената изработка на самоуките креатори на овие костими, изложбата им оддава почит и сугерира дека овие традиционални вештини треба да се ценат не само поради нивната историска вредност, туку како трајни изрази на културниот идентитет и креативноста на луѓето од едно минато време. Оваа способност на фотографијата да ја долови и реконтекстуализира историјата е особено релевантна, бидејќи ваквата реконтекстуализација ја предизвикува перцепцијата за овие облеки како застарени и ирелевантни. Наместо тоа, „Aeterna Nova“ ги позиционира како динамични елементи на современото културно изразување, истакнувајќи ја нивната естетска вредност и вештината вклучена во нивното создавање, се вели во соопштението на ВУЛГУС.

Проектниот тим го сочинуваат кураторот и режисер Филип Петковски, фотографите Марко Марјановиќ и Жарко Чулиќ, а за постпродукција на фотографија задолжена е Ивана Мојсовска Головска. ра/лв/

Фото: ВУЛГУС Скопје

 

Остани поврзан