• петок, 27 декември 2024

Мудис: Русија можеби веќе банкротирала

Мудис:  Русија можеби веќе банкротирала
Москва, 15 април 2022 (МИА) - Русија можеби веќе банкротирала бидејќи не ги сервисирала своите доларски обврзници поради западните санкции наметнати поради војната во Украина, објави агенцијата Мудис.
На 4 април, Русија изврши плаќање на две државни обврзници - со рок на достасување во 2022 и 2042 година - во рубљи, а не во долари. „Договорите за обврзници не содржат одредби за отплата во која било валута освен долари“, наведува агенцијата.
„Затоа, Русија, според дефиницијата на Мудис, може да се смета дека е во банкрот ако не ги исполни обврските во долари до 4 мај, кога истекува едномесечниот грејс период“, се вели во соопштението на Мудис.
Мудис тврди дека некои руски еврообврзници издадени по 2018 година дозволуваат плаќање во рубљи под одредени услови, но дека постарите од тој период не го дозволуваат тоа.
„Мудис смета дека инвеститорите не добиле договорна исплата во странска валута на датумот на доспевање на исплатата“, велат од агенцијата.
Русија наведува дека сака да го отплати својот долг, но дека Западот ја спречил да го стори тоа со воведување строги санкции откако ја нападна Украина на 24 февруари.
Во 1998 година Русија не врати 40 милијарди долари домашен долг, па ја девалвираше рубљата во времето на претседателот Борис Елцин, бидејќи практично банкротираше по азиската должничка криза и падот на цената на нафтата.
Ова би бил првиот голем руски банкрот во повеќе од еден век. Москва ги отплати надворешните долгови и по распадот на Советскиот Сојуз. паг/
 
 

Остани поврзан