• петок, 05 декември 2025

МСП ја отфрли тужбата на Судан против ОАЕ за Дарфур

МСП ја отфрли тужбата на Судан против ОАЕ за Дарфур

Хаг, 5 мај 2025 (МИА) - Меѓународниот суд на правдата (МСП) ја отфрли тужбата на Судан против Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), во која Судан ги обвини Емиратите за поттикнување геноцид во Дарфур со вооружување на паравоени сили. Судот одлучи дека нема надлежност за ова прашање.

Судан минатиот месец тврдеше пред највисокиот суд на Обединетите нации дека ОАЕ ја прекршиле Женевската конвенција со тоа што ги поддржуваат паравоените сили во Дарфур. Емиратите, пак, побараа тужбата да биде отфрлена.

Судот денеска ги прифати аргументите на ОАЕ и го отфрли барањето на Судан за привремени мерки, и одлучи да го отстрани случајот од дневен ред.

-Одлуката е јасна и конечна потврда дека овој случај бил целосно неоснован. Пресудата на Судот со која се прогласува за ненадлежен потврдува дека овој случај не требало да се покрене уште на почетокот, изјави Рим Кетаит, заменик-помошник-министер за политички прашања во Министерството за надворешни работи на ОАЕ, според соопштението. „Фактите се јасни: ОАЕ не носат никаква одговорност за конфликтот во Судан. Напротив, злосторствата извршени од завојуваните страни се добро документирани“, се вели во соопштението.

Судот, со 14 гласа „за“ и два „против“, го отфрли барањето на Судан за усвојување итни мерки за спречување на геноцид врз членовите на племето Масалит. Ова племе е особено погодено од брутални етнички мотивирани напади од страна на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) и сојузничките арапски милиции.

Судан ги обвини ОАЕ дека ги снабдуваат РСФ со оружје, што ОАЕ го негира. Сепак, некои експерти на ОН и американски конгресмени ги сметаат овие тврдења за веродостојни.

Меѓународниот суд на правдата е највисокиот судски орган на ООН за решавање на спорови меѓу државите и случаи на кршење на меѓународните конвенции. И Судан и ОАЕ се потписнички на Конвенцијата од 1948 година за спречување и казнување на злосторството геноцид. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан