• четврток, 07 ноември 2024

Мојсовски: Остварувањето на Димовски е од големо значење за македонското скијање

Мојсовски: Остварувањето на Димовски е од големо значење за македонското скијање

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Македонската скијачка надеж Филип Димовски забележа историска победа на 49 издание на едно од најголемите и најстари европски натпреварувања во алпско скијање за млади до 16 години, Покал Лока во Словенија.

Во силна конкуренција на 240 натпреварувачи од 26 земји, Димовски ја заврши слаломската трка на прво место, триумфирајќи пред Матеј Магдолен од Словачка и Апостолос Летсиос од Грција.

-Остварувањето на Филип е од големо значење за македонското скијање од повеќе причини. Имено тој е показател дека индивидуалните спортови одат во нагорна линија, но е и единствен Македонец кој застанал на пиедестал во алпско скијање. Агенцијата за млади и спорт секогаш е на располагање кога се во прашање младите спортски таленти, истакна директорот на АМС, Наумче Мојсовски на прес-конференција.

Претседателот на скијачка федерација, Дејан Пановски изрази задоволство од резултатите на младите скијачки надежи, потенцирајќи ја важноста на поддршката од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Што се однесува до домашните натпреварувања, Пановски истакна дека Мавровскиот меморијал, како и Шарпланинскиот Куп остануваат на програмата на Скијачка федерација, но се ставени под знак прашање поради временските услови, односно недостаток од снег на Македонските планини. дс

Фото: МИА

Остани поврзан