• сабота, 23 ноември 2024

„Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска – нов воспитно-образовен комплет за почетно читање

„Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска – нов воспитно-образовен комплет за почетно читање

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ денеска ќе се одржи промоција на новиот воспитно-образовен комплет за почетно читање „Мојата прва библиотека“ од авторката Деспина Мукоска, со илустрации на Калиопи Трпчева.

Промотори на изданието за деца ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а во улога на модератор ќе биде Татјана Димовска-Атанасова.

Станува збор за комплет од 31 сликовница и картички со букви, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Како што соопштија од издавачката куќа, Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа - црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица.

-„Мојата прва библиотека“ ги учи децата како самостојно да научат да читаат и истовремено да ја развијат љубовта кон читањето. Претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат во училиште. Со овие сликовници се создава поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина, велат од „Арс Ламина – публикации“.

Како што посочуваат, овие сликовници паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение.

Едукативниот комплет „Мојата прва библиотека“ е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн преку „www.literatura.mk“.бт/мд/

Фото: „Арс Ламина – публикации“

Остани поврзан