• сабота, 23 ноември 2024

МОФ: Се расте, само студентскиот стандард опаѓа

МОФ: Се расте, само студентскиот стандард опаѓа
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Младински образовен форум (МОФ) реагира на предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но и општо во врска со моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите, со апел до државните институции наместо да преземаат мерки кои, како што велат, дополнително ќе го влошат студентскиот стандард, да се посветат кон креирање на законски решенија кои ќе го подобрат статусот на студентите и вистински да покажат дека се залагаат за младите и студентите во државата, а не само декларативно. - Во услови на енергетска криза, голема инфлација и пост-пандемиско опоравување, студентите за жал се први на удар од страна на државните институции со тоа што се преземаат мерки кои влијаат кон намалување на и онака веќе нискиот студентски стандард. Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови (според неодамнешно истражување на МОФ – просечната оцена за генералниот квалитет на живот во студентските домови, на скала од 1 до 5, е 2,93.), рестрикциите во студентските домови за најосновните работи, како на пример забрана за користење на сопствени решоа и грејни тела во собите, неработењето на лифтовите во определен период од денот и останати небулозни мерки кои единствено се на штета на студентите, па сѐ до измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, каде што се стеснува обрачот за тоа кој студент има право на оваа мерка, велат од Младинскиот образован форум. Според МОФ, дополнително загрижува фактот и што се предвидени кратења од 181 милиони денари за студентскиот стандард во буџетот на Министерството за образование и наука за 2023 година. - Како организација која веќе повеќе од 20 години работи кон подобрување на студентскиот стандард целосно ја разбираме моменталната ситуација во која се наоѓа државата и свесни сме дека е потребно рационализација на трошоците и финансиските средства, но строго се противиме рационализацијата на трошоците да се рефлектира единствено врз студентите, особено ако се има предвид за што и како се трошат парите на граѓаните, потенцират од МОФ. Тие апелираат државните институции наместо да преземаат мерки кои дополнително ќе го влошат студентскиот стандард сериозно да се посветат кон креирање на законски решенија кои ќе го подобрат статусот на студентите. - Така вистински ќе покажат дека се залагаат за младите и студентите во државата, а не само декларативно. Во спротивно, нормално е да се очекува дека студентите ќе излезат на улиците и ќе го покажат својот револт, нагласуваат од МОФ и ја предупредуваат Владата да не ги прави грешките шти ги правеле минатите власти. сст/сп/

Остани поврзан