• среда, 27 ноември 2024

Мората се скарал со италијански градоначалник поради неговиот дом

Мората се скарал со италијански градоначалник поради неговиот дом

Милано, 3 октомври 2024 (МИА) - Плановите на напаѓачот на Милан, Алваро Мората да живее изолирано во мирен град на периферијата на Милано беа спречени откако градоначалникот откри каде планира да се пресели шпанскиот репрезентативец.

Според медиумите во земјата, Мората избрал да купи куќа во Корбета, но градоначалникот Марко Бајарини не успеал да ги задржи деталите за себе. Тој на својот Инстаграм профил откри дека напаѓачот, кој ова лето стана европски шампион со Шпанија, е нов жител на градот. 

-Ова не е првоаприлска шега. Шампионот Алваро Мората е наш нов сосед. Јас сум голем фан на Интер, но со задоволство му посакам добредојде на Алваро Мората во нашето големо семејство во Корбета, напиша градоначалникот.

Објавата го загрижи Шпанецот, кој изрази разочарување како и загриженост за безбедноста на неговото семејство. 

-Почитуван г-дине градоначалник, ви благодарам што ја нарушивте мојата приватност. За среќа, немам вреден имот. Моето единствено богатство се моите деца, чија безбедност ја загрозивте. Мислев дека општина Корбета може да ми гарантира одредено ниво на дискреција. Но наместо тоа, морам брзо да ја сменам куќата поради вашата неспособност да ги користите социјалните мрежи и да ги заштитите вашите граѓани, беше одговорот на Мората на Инстаграм.

Бајарини не му остана должен, а за возврат објави фотографија од амблемот на градскиот ривал на „росонерите“ - Интер, додавајќи „Чао!“. дс

Фото: Архива

Остани поврзан