• сабота, 23 ноември 2024

МОН: Секој учебник се печати откако ќе ги помине сите филтри во постапката за изработка и ќе добие конечно одобрување од Националната комисија за учебници

МОН: Секој учебник се печати откако ќе ги помине сите филтри во постапката за изработка и ќе добие конечно одобрување од Националната комисија за учебници

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - По три неуспешни јавни повици за пријавување на автори за изработка на учебник по македонски јазик за 5-то одделение, објавени минатата 2022 година во март, јуни и јули, дури во четвртиот обид во август се пријави авторски тим кој достави предлог ракопис, соопштија денеска од Министерството за образование и наука.

Истиот, наведуваат од МОН, подоцна два пати беше вратен на корекција од страна на Бирото за развој на образованието, заради усогласување на сите предложени содржини со новата наставна програма за соодветниот предмет. По неговото конечно одобрување од страна на Националната комисија за учебници, склучувањето на договор со авторите за пренесување на авторските права во април годинава, учебникот графички се уредуваше, по што е пуштен на печатење и дистрибуција до училиштата која заврши деновиве.

- Ги разбираме реакциите на дел од јавноста дека учебникот е испорачан пред крајот на учебната година, но истовремено треба да се знаат и сите овие информации поврзани со постапката за негова изработка, одобрување, печатење и дистрибуција. Станува збор за комплексен процес кој се спроведува за секој нов учебник, согласно Законот за учебници во основното и средното образование и чие времетраење зависи од повеќе фактори, се подвлекува во соопштението.

Од МОН потенцираат дека се случува за одреден предмет да нема интерес за доставување на ракописи (предлог учебници) од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори, како во случајот со учебникот по македонски јазик за петто одделение, кој се повтори дури четири пати.

- Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите, соопштија од МОН.

Министерството за образование и наука, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и Националната комисија за учебници најавија ќе продолжат да работат во интерес на учениците, спроведувајќи ги сите постапки за изработка на нови и квалитетни учебници, транспарентно и согласно законската регулатива.

Додаваат дека ова е една од компонентите на реформата на националниот образовен систем, која е во тек и ќе продолжи етапно да се имплементира согласно планот усвоен преку инклузивен пристап со учество на сите засегнати страни. цр/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан