• понеделник, 23 декември 2024

МОН и ОБСЕ ја продолжуваат соработката за меѓуетничката интеграција во образованието

МОН и ОБСЕ ја продолжуваат соработката за меѓуетничката интеграција во образованието

Скопје, 1 февруари 2023 (МИА) – Министерот за образование и наука и Јетон Шаќири и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килиан Вал потпишаа два меморандума за разбирање,за спроведување заеднички активности во образованието и за проектот „Градиме нови мостови“ кој се однесува на меѓуетничката интеграција.

Шаќири по потпишувањето рече дека меѓуетничката интеграција, почитувањето и разбирањето се предуслов за градење удобна и пријатна училишна средина особено во мултиетничка држава како што е нашата.

-Нашето партнерство предвидува заеднички активности за спроведување на проектот „Градиме нови мостови“ чии придобивки ги чувствуваат учениците и нивните семејства и наставниците. Младите од различни етнички и религиски заедници, кои говорат различни јазици, меѓусебно се поврзуваат преку бројни наставни и воннаставни активности. Заедно учат, се дружат и создаваат пријателство, ги чествуваат традицијата, верските и културните обичаи. Токму во таа насока се нашите образовни политики – само со меѓусебна почит и разговор може да бидеме сигурни дека идните генерации ќе бидат поуспешни и подобри луѓе, рече Шаќири.

Додаде дека Мисијата на ОБСЕ има значен придонес во менувањето на системот на образование и пристапот на едукација затоа што сега, рече тој, младите добро се разбираат, соработуваат и не гледаат непријателски кон различни етнички и религиски заедници.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ Вал истакна дека со новите меморандуми меѓу МОН и ОБСЕ се создава рамка за интегрирано образование и интеркултурализам во државата.

-Ова значи понатамошна соработка за пилот-програмата за билингвално образование во училишта во Скопје, која е иницирана од Град Скопје. Програмата опфаќа илјада ученици и 50 наставници во осум училишта од градот. Вреди оваа програма да се прошири и затоа ние ја продолжуваме соработката, рече Вал.

Вториот меморандум за разбирање се однесува на проектот „Градиме нови мостови“ т.е. за давање грантови на јавни училишта во државава за одржување настава со партнерски училишта.

-Заедничките проекти даваат можност за училиштата на различни јазици да работат заедно и со тоа ја подобруваме социјалната кохезија во државата, додаде шефот на Мисијата на ОБСЕ.

Вал притоа нагласи дека меморандумите за разбирање што Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска ги потпиша со Министерството за образование и наука се во согласност со мотото на претседавањето ан Северна Македонија со ОБСЕ: „За луѓето се работи“. хс/лв/

 

 

Остани поврзан